ЕКСКЛУЗИВНО Големи се шансите лекот фавипиравир да се најде и во македонските аптеки до крајот на неделава
Токму поради фактот што лекот е ефикасен во првите денови од болеста, кога пациентите најчесто се лекуваат кај матичните лекари, во тек е стручна расправа за тоа дали ќе биде овозможено лекот, со лекарски рецепт, слободно да се набавува во аптеките.
Големи се шансите лекот фавипиравир наскоро да се најде и во македонските аптеки, дознава Плусинфо од официјални извори. Во тек е комуникација меѓу надлежните институции, за да се утврдат протоколите, односно начинот на употреба на овој лек, кој сега најчесто се увезува од Турција под името „Фавира“.
Во моментов, лекот во Македонија се шверцува од Косово, а сторија за тоа беше објавена и во последната емисија „Код“ на телевизија Телма. Според наши извори, зависно од количествата кои се набавуваат, цената за една доза на Косово се движи од 70 до 100 евра. За жал, лекот се употребува нелегално и не е познато дали има било каква контрола од лекар или од фармацевт.
За овој јапонски лек се објавени десетици статии во угледни магазини во светот. За него пишуваше и Плусинфо уште во почетокот на април годинава. Лекот помага при лекување на ковид-19, особено во раната фаза на болеста. Пред неколку месеци, македонската влада побара и доби извесно количество од овој лек како донација од Јапонската амбасада. Тоа го објави лично министерот Филипче. За жал, тоа количество беше премало.
Во моментов има иницијатива надлежните институции да одобрат увоз на овој лек, кој засега се аплицира само во болнички услови. Токму поради фактот што лекот е ефикасен во првите денови од болеста, кога пациентите најчесто се лекуваат кај матичните лекари, во тек е стручна расправа за тоа дали ќе биде овозможено лекот, со лекарски рецепт, слободно да се набавува во аптеките.
Експертски извор за Плусинфо објаснува:
– Лекот е ефикасен во раната фаза на болеста, на самиот почеток. И тие кои пијат шверцувани дози, така ги пијат. Во раната, па и во подоцнежните фази на болеста, кај нас пациентите ги лечат матичните лекари, понекогаш во консултација со инфектолог или со лекари од други специјалности. Пожелно е лекот да се издава на лекарски рецепт во аптеките, како што е тоа во Босна и Херцеговина, на пример. Инаку, изворно, фавипиравирот е лек за ебола, но надлежните институции би требало да утврдат протокол за користење на лекот за ковид-19.
Според информациите на Плусинфо, има оптимистички прогнози дека целата стручна дебата на оваа тема ќе заврши експресно и дека лекот би можел да биде увезен во Македонија до крајот на неделава. Според некои калкулации, неговата комерцијална цена не би требало да биде повисока од 70 евра. Сосема друго прашање е дали лекот би можел да се стави на позитивната листа. Тогаш и цената за пациентите би била друга.