Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага за директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова и уште три други лица и бара судот да им изрече мерки на претпазливост и одземање на пасошите, соопшти Обвинителството.
Од кривичниот суд Скопје за Плусинфо велат дека Димова во понеделник ќе биде повикана кај судија на претходна постапка, и судот ќе одлучува за одземањето на патната исправа на директорката.
– Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Три лица како соизвршители се осомничени дека сториле измама на штета на средства на европската заедница од член 249-а од Кривичниот законик, првоосомничената сторила и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 и став 3 во врска со став 1, додека четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело Несовесно работење во служба предвидено и казниво во член 353 -а став 1 од Кривичниот законик – велат од Обвинителството.
Од таму информираат дека денеска обвинителството до Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за изрекување на мерки на претпазливост согласно чл.146 став 1 точки 2, 3 и 7 за тројца осомничени.
– Односно, заради обезбедување на присуство и за непречено водење на кривичната постапка, обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост и тоа обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Одлуката на судот ќе биде донесена во редовна законски утврдена постапка – велат од Обвинителството.