Регионална иницијатива „Дрво на пријателството“ во Скопје и во другите главни градови

Сметаме дека се потребни конкретни акции и иницијативи на локално и регионално ниво за зелено заздравување после пандемијата со корона вирусот, изјавуваат од Скопје Смог Аларм.

277

Европскиот фонд за Балкан (ЕФБ) ја започна иницијативата „Дрво на пријателството“ преку садење на 400 дрва во сите регионални главни градови. Идејата за акцијата е да се компензира штетата од емисии на CO2 што се настанати при официјални службени патувања на ЕФБ во 2019 година.

Како што посочуваат организаторите, дрвата ќе се засадат истовремено на 30 октомври (петок) во Скопје, Белград, Приштина, Тирана, Подгорица и Сараево, во соработка со многубројни локални партнери кои ќе обезбедат волонтерска и логистичка поддршка.






„На ‘домашен терен‘ во Скопје, ко-организатори на настанот се македонската компанија Treebanks, заедницата на еко-активисти Скопје Смог Аларм и платформата AirCare (Мој Воздух), кои ќе засадат 60 дрва од врстата платан во Општина Аеродром, во паркот на Булевар Србија наспроти Полициска станица Аеродром, во 11 часот наутро во петок (30 октомври). Организаторите се одлучија за оваа акција со цел да се подигне свеста за горливиот проблем со аерозагадувањето кој го делат земјите во регионот. Минатата година, Скопје и многу градови во регионот редовно беа на врвот на листите на најзагадени градови во светот. За таа цел садењето дрва е еден од наједноставните и најважните чекори во борбата за чист воздух“, се вели во соопштението.

Сметаме дека се потребни конкретни акции и иницијативи на локално и регионално ниво за зелено заздравување после пандемијата со корона вирусот, изјавуваат од Скопје Смог Аларм.

– Потребно е трансформација на градовите преку инвестиции во подобра инфраструктура за пешаци и велосипедисти, инвестиции во обновливи извори на енергија, урбано планирање фокусирано на заштита на животната средина – велат оттаму.

Од огромно значење, додаваат организаторите, е фактот што акцијата „Дрво на пријателството“ е заедничка регионална акција која ги поврзува следниве организации кои се занимаваат со еко-активизам: „Za čisto i lijepo Sarajevo“ (За чисто и убаво Сараево) од Сараево, “Environmental Territorial Management Institute“ (Институт за управување со животна средина и простор) од Тирана, „Sbunker“ од Приштина, „OZON“ од Подгорица, „Право на град“ (Право на град), „Шума пева“ (Шумата пее) и „Улице за бициклисте“ (Улици за велосипедисти) од Белград.

Поврзани содржини