Политичарите ја туркаат МПЦ во амбис?!

Синодот во Истанбул заврши, а за МПЦ ниту збор?! Дали планината ечеше, зашто се родило глувче?! И сега, сите се прават наудрени, како да не се од тука. Ќе понесе ли некој одговорност? Каде ѝ е на МПЦ признавањето?

2,192

Неодамна, државниот врв за потребите на религиозната организација МПЦ, координирано и со фанфари, упати политички демарш до патријархот во Истанбул. Така, до рамниште на медиумска „хипноза“ се подгреа атмосферата за наводното брзо признавање на непризнатата МПЦ. Со непромислените постапки, претседателот и премиерот извршија насилство врз секуларноста, директно огрешувајќи се во однос на Уставот! Доколку некогаш завладее правото и во нашава земја, сосема за очекување е некоја следна владејачка гарнитура, по примерот на процесот против Порошенко во Украина, да покрене судска постапка против Пендаровски и Заев, за горенаведениот прекршок.

Под притисок на јавноста, патријаршијата во Истанбул штуро најави некакво „внесување на МПЦ во процес на лекување“ од болеста на расколот, без да прецизира како ќе се одвива лекувањето. Тоа беше доволно, претставниците на жолтиот верски печат и квази верските експерти да се егзалтираат и да направат „вест“ дека проблемот на нивната религиозна организација веќе е решен. А, решението не е ниту на повидок. Портпаролот на МПЦ, Тимотеј, продолжи со фразата којашто ја употребува неколку пати во годината, изјавувајќи дека во следните два до три месеци неговата МПЦ сто насто ќе стане автокефална.






Ете, на таква политичко-медиумска тортура беше изложена целокупната јавност. Тој политичко-медиумски јуриш ја силуваше интелигенцијата на граѓаните, протежирајќи еуфорично и брзо решавање на еден, не така лесен, горлив и полувековен проблем на непризнатата МПЦ. Просечниот верник во МПЦ после сета психоза која ја доживува на дневна основа, веќе не знае што точно се случува во и со неговата црква. Споменатите јуришници ја направија целата држава издишан балон од кој само штетата стана двојно поголема.

Синодот во Истанбул заврши, а за МПЦ ниту збор?! Дали планината ечеше, зашто се родило глувче?! И сега, сите се прават наудрени, како да не се од тука. Ќе понесе ли некој одговорност? Каде ѝ е на МПЦ признавањето?

Исто така, за жал, сè повидлив е и внатрешниот расцеп во самата МПЦ, со поделба на повеќе фракции (на социјалните мрежи веќе кружат разни: пименци, бигорци, санџаковци и слични групации кои имаат несфатлива закрвавена меѓусебна спротивставеност). Исто така, проциркулира и веста дека игумен на манастир со звучно име, со дел од братството, периодов поради незадоволство ја напуштиле МПЦ, заминувајќи во непознат правец.

Од друга страна, неутралните набљудувачи согледуваат дека одржаниот годишен Синод на патријаршија во Истанбул (06 – 08.10), и неизустувањето ниту еден збор за МПЦ, претставува само по себе одговор до сите актери аматери во сагата наречена МПЦ. Синодот во Истанбул одлучи да се посвети на проблемите во својот двор, наместо во туѓиот. Веројатно, барањата на политичарите, барем засега дипломатски ги стави „ad acta“, до некоја неизвесна иднина. Можеби за иднина од нов половина век? Спремна ли е МПЦ да остане непризната уште половина век?

Во целата оваа збрка со писмата на Пендаровски и Заев, па и на Стефан, единствено остана зачудувачки моментот што сите тие помислија дека со само тие две бирократски писма до Истанбул, а без сериозниот труд на покајание и без да ја согледаат вистинската адреса за решавање на проблемот, толку лесно ќе го решат многудеценискиот проблем произлезен од отпаѓањето на МПЦ од СПЦ и од целото православие.

Истите овие актери, не се способни да се договорат дури ниту за Гоце Делчев – чиј е, а не, пак, за статусот на една цела религиозна организација – МПЦ, за која гледаме дека на јавната сцена дефинитивно се откажа и од придавката „македонска“, и го прифаќа името „Охридска архиепископија“. Кога ПОА го направи тоа, овие политичари и новинари беа против. Деновиве со леснотија само покажуваат дека скоро дваесетина години интелектуално доцнат зад ПОА.

Дополнително усложнување во решавањето на проблемот на МПЦ би можел да претставува фактот што Православната охридска архиепископија е веќе 18 години канонска црква во нашата земја. Православната охридска архиепископија има свој томос, верификувани црковни граници, сеправославно призната јерархија и е запишана во Големата книга на православните цркви – Диптихот, токму кај патријархот во Истанбул. Како патријархот од Истанбул, евентуално, би формирал уште една Охридска архиепископија, останува да следиме.

Сè на сè, МПЦ предводена од државниот врв на Северна Македонија и нејзините архиереји, кои никој во православието не ги есапи, наместо да се смири пред историските и канонски факти и да ги преиспита своите чекори, таа со својата фанатична, опсесивна желба за автокефалија по секоја цена, може да стане причина за рушење на сеправославното единство, само за да може да се поклони пред нејзиното златно теле – идолот на нејзината автокефалија. Фелерична автокефалија.

Поврзани содржини