Народот зема плата минималец од 15.000 денари или воопшто не зема заради корона кризата, здравствената и економска криза. А, функционерите на СДСМ земаат плати од илјадници евра, ама молчат и ги игнорираат прашањата на граѓаните, рече на денешната прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Додека Заеви купуваат луксузни вили, директорите на СДСМ земаат илјадници евра плати. Повторно сакаме јавно да прашаме и да потсетиме уште еднаш за висината на платите на функционерите од редовите на СДСМ, иако тие молчат и сакаат да ја скријат висината која што ја земаат на платата од народните пари, односно од парите на граѓаните. Денес повторно ќе го прашам личниот пулен на Зоран Заев, тоа е претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски за висината на неговата плата – рече Арсовски.
– Дали Марко Бислимоски зема плата околу 2.000 евра? Ако Марко Бислимоски вели дека не зема 130.000 денари плата, тогаш зошто не каже јавно на граѓаните, да ги извади јавно платните изводи, бидејќи е функционер и велат дека се транспарентни како Влада, еве има шанса да се покаже дека е транспарентен и да им покаже на граѓаните колкава плата има земано изминативе година дена. Не повеќе еве изминативе година дена. Внимавајте, зема плата во илјадници евра, а ја покачува струјата на граѓаните. Зема плата од парите на граѓаните и им ја покачува струјата на граѓаните. Зошто? Дали е тоа за да има огромни плати за директорите предложени од СДСМ? – вели Арсовски.
Тој исто така прашува дали Томислав Тунтев како директор на Агенција за цивилно воздухопловство, инаку кадар на СДСМ претходно и пратеник на СДСМ, зема месечна нето плата од околу 3.000 евра или месечно нето плата од околу 180.000 денари, секој месец?
– Еве сакаме и јавно да прашаме дали и директорот предложен од СДСМ во Јавното претпријатие за стопанисување со јавен станбен и деловен простор, инаку познато народски помеѓу граѓаните како ПУИГ, Кристијан Трајковски, зема основица плата над 75.000 денари, плус бонуси и додатоци вклучени во менаџерскиот договор? Колкава е целата сума на менаџерскиот договор на директорот на ова јавно претпријатие кое тоне во долгови и е практично пред пропаст? СДСМ и директорите на МЕПСО се уште молчат дали земале, односно сеуште зема плата директорката на МЕПСО, Шуклева од 110.000 денари, секој месец? – вели Арсовски.