Музичарите се спремаат за утрешниот протест: „Виновни сме затоа што постоиме!“
Ако може сите други сектори да функционираат, тогаш зошто да не можеме ние? Музика може да има и со строги протоколи. Ако сите ги почитуваат мерките, тогаш нема да има никаков проблем, велат дел од музичарите за Плусинфо.
Најновите рестриктивни мерки кои ги донесе Владата за работење на угостителските објекти ги налутиja угостителите и музичарите, па тие решија да го изразат својот револт преку протест. Пред објектот на Владата ќе биде монтирана импровизирана бина на која ќе настапат македонските музичари, диџеите ќе пуштаат музика, стендап комичарите ќе прават шоу, и сето тоа во знак на револт против одлуката за забрана на музика во угостителските објекти.
На протестот се очекува да присуствуваат и угостители, музичари, фирми за кетеринг, салони за венчаници, луѓе кои прават декорации на објекти и простории, а организаторот на протестот, Даниел Сидовски од групата „Респекти“, вели дека ќе побараат уште следниот викенд да биде повлечена забраната за настап на музичарите во угостителските објекти и во ноќните клубови.
Владимир Блажев од групата „ДНК“ најмногу се лути поради тоа што, како што вели, сите совесни и несовесни музичари и сопственици на угостителски објекти се ставаат во ист кош.
– На стартот на пандемијата бев еден од најгласните кои апелираа да се почитуваат мерките и сè уште сум. Со нашиот бенд бевме први кои од сопствен џеб плативме и направивме „лајв стрим“ концерт на социјалните платформи под мотото „Седи дома, биди кул“ уште пред да се воведе целосниот карантин сè со цел да влијаеме и да помогнеме во целата ситуација. Еднаш не се побунивме иако 90 отсто од артистите бевме без неколкумесечни примања, но со овој ноншалантен однос и очигледно незнаење на Владата во кој правец тера, мислам дека време е сите ние музичари, артисти, уметници да кренеме глас на улица, да си ги бараме нашите права и да им дадеме до знаење дека ние не сме виновни за грешките на неколкуте локали и организатори на настани кои видливо се толерирани од не знам кои причини. Најлесно е да се удри по македонските артисти кои ги множите со нула – посочува Блажев.
Пејачката Викторија Лоба за Плусинфо вели дека и покрај тоа што музичарите се најмалку виновни за сето ова што се случува, сепак, додава таа, нивните кариери најмногу трпат.
Ние само си трпиме и никој не ни вика „браво“ затоа што трпиме. Напротив, го вперуваат прстот кон нас и ни велат дека сме виновни.
– Нормално е дека огромни штети трпат сите сектори во земјава, но тоа што со сигурност го знам е дека музичарите не се воопшто виновни. Ние сега сме на удар и нашите кариери буквално висат на работ на егзистенцијата. Ние само си трпиме и никој не ни вика „браво“ затоа што трпиме. Напротив, го вперуваат прстот кон нас и ни велат дека сме виновни – вели Лоба.
На прашањето дали утре ќе им се придружи на своите колеги на протестот пред Владата, Лоба рече дека сè уште не знае што ќе донесе утрешниот ден.
– Не знам дали ќе излезам на протестот затоа што имам некои други обврски, но во секој случај ги поддржувам колегите – истакна Лоба.
Фронтменот на групата „Водолија“, Ристо Апостолов, за Плусинфо вели дека во случајов здравјето е најважно, но дека може да има музика и со строги протоколи.
– Сите музичари сме финансиски засегнати од новите мерки што ги донесе Владата, но од друга страна, здравјето е најважно. Во секое добро има малку лошо и во секое лошо има малку добро. Но, ако може сите други сектори да функционираат, тогаш зошто да не можат и музичарите? Може да има музика и со строги протоколи. Ако сите ги почитуваат мерките, тогаш нема да има никаков проблем. Јас не сум ниту министер за здравство, ниту епидемиолог, но мислам дека треба да се најде начин како да им се овозможи на музичарите да ја работат својата работа. Кога велам музичари, тогаш не мислам само на кафанските свирачи, туку и на оние кои работат во студијата. Јас како музичар им ја давам целосната поддршка на колегите – посочи Апостолов.
Протестот е закажан за утре во 14 часот пред Владата.