СКОПЈАНЕЦ АГРЕСИВЕН КОН ПОЛИЦАЈЦИ ЗАВРШИ ВО ПРИТВОТ – На 29.09.2020 во 21.00 часот на ул.„Че Гевара“ во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода М.Б.(34) од Скопје, затоа што се однесувал агресивно кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
НАТЕПАН СКОПЈАНЕЦ ПРЕД КАСИНО – На 29.09.2020 во 22.30 часот во СВР Скопје, Ј.Т.(18) од Скопје пријавил дека околу 21.30 часот, пред казино на ул.„Франклин Рузвелт“, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ФИРМА СО БЛОКИРАНА СМЕТКА КУПИЛА 2.000 ЛИТРИ ГОРИВО – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против Ј.Х.(37) од Крушево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама во службата“. На 05.04.2019, пријавениот, при склучување на усмен договор за купување на дизел гориво во вкупна количина од 2.132,96 литри, го довел во заблуда оштетениот Б.Е., на тој начин што му го прикрил фактот дека од 02.09.2018 фирмата купувач од Крушево била со блокирана банкарска сметка, со што му нанел штета во вкупен износ од 130.111 денари.
ЧАИРЧАНЕЦ СЕ ПРЕПРАВАЛ ДЕКА Е ЦРНОГОРЕЦ И СО ИЗМАМА ЗЕЛ 1.000 ЕВРА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против М.М. (30) од Чаир, Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 29.06.2020, пријавениот на оштетениот Г.Д. од Дебар му се претставил како државјанин на Црна Гора, додека другото лице што било со него се претставило како државјанин на Израел. Притоа, го довеле во заблуда Г.Д. и му побарале 1.000 долари и 100 евра за да ги дадат на лекар, кај кого се породувала сопругата на лицето кое се претставило како државјанин на Израел, додека како гаранција на Г.Д. му дале ланец со жолта боја, за кој му рекле дека бил златен.
ЗАВРШИЛ НА ПСИХИЈАТРИЈА ОТКАКО СЕ ОБИДЕЛ ДА ЈА УБИЕ МАЈКА МУ – СВР Скопје – Единица за насилен криминал до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против В.С.(47) од Скопје, поради обид за убиство. На 21.02.2020 во семејниот дом, пријавениот ја нападнал својата мајка А.С. и ѝ нанел тешки телесни повреди, доведувајќи ѝ го животот во опасност. Полициски службеници извршиле увид на местото на настанот и во координација со Јавен обвинител пријавениот бил лишен од слобода, спроведен и хоспитализиран во Јавната здравствена установа – Психијатриска болница – Скопје.
СКОПЈАНИ ПРАВЕЛЕ ЖУРКА ВО ГРАДИШТЕ ВО ЕК НА ЕПИДЕМИЈА – СВР Охрид поднесе кривична пријава против И.И.(33), Г.Ј.(34), С.Ј.(34), сите од Скопје и против фирма од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 02.08.2020 пријавените организирале музички настан во Градиште и на плажата, без почитување на мерките за спречување и ширење на заразна болест Ковид-19 и протоколите за отварање и работа со кафетерии, односно пријавените не постапиле според владините уредби.
ОГРАБЕНА ФИРМА ЗА ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ – На 29.09.2020 во 10.00 часот во Полициската станица Чаир А.А. пријавил дека на 28.09.2020 околу 10.05 часот во фирма за финансиски услуги на бул.„Македонско-косовска бригада“ едно лице со закана и физички напад од вработената одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.