Хотелиерите среќни што имале гости, им простуваат на туристите што си заминале дома со тави и со пешкири
Од Хотелската асоцијација ХОТАМ велат дека недостигот на ситен инвентар од хотелите се случува секоја сезона и година. Годинава бројот на такви инциденти е зголемен, но тоа не зависи од ваучерскиот систем туку од поединците, а обврска е на секој хотелски капацитет да се справува сам со овој проблем.
Годинава бројот на кражби од ситниот инвентар од хотелите низ земјава е зголемен, недостигаат чаши, пешкири, па и тави, со што на хотелиерите им е нанесена материјална штета.
Од Хотелската асоцијација ХОТАМ, пак, велат дека недостигот на ситен инвентар од хотелите се случува секоја сезона и година. Годинава бројот на такви инциденти е зголемен, но тоа, велат оттаму, не зависи од ваучерскиот систем туку од поединците. Обврска на секој хотелски капацитет е сам да се справува со овој проблем.
Туристички работници, пак, велат дека вината за кражбите во хотелите не може да се префрли на гостите, туку на слабостите во менаџирањето на самите хотели. Од Министерството за економија преку кое годинава се одвиваше ваучерскиот систем на годишни одмори и се реализираа активностите од проектот „Дома си е дома“ велат дека хотелите во овој случај не си ја завршиле својата работа како што треба.
Претседателот на ХОТАМ Крсто Блажевски вели дека ситни кражби во хотелите има секоја година.
– На крајот на секоја сезона и посебно на крајот на годината се прават анализи на сработеното па и на кражбите. Секоја година има такви кражби, но годинава, според информацииите од хотелиерите, бројот е зголемен во овој период, што не значи дека тоа е вистинска слика за гостите кои престојувале во хотелите. Не секој гостин има потреба да земе пешкир, чаша или нешто друго од хотелот и не може работите да се генерализираат кои гости повеќе крадат, а кои помалку – вели Блажевски.
Туристички работници кои имаат искуство во носење туристи од дома и од странство, а дел имаат и искуство со работа во хотелиерството, велат дека хотелиерите кои годинава и покрај лошите услови имаа полни капацитети со домашни гости вината за кражбите треба да ја бараат во сопствениот двор, начинот на менаџирање и организацијата и обученоста на кадарот да се справи со барањата. Тврдат дека кражбите немаат врска со ваучерите и со овој систем на обезбедување гости.
Дончо Нацевски од агенцијата „Арбо травел“ преку која во изминатите неколку месеци хотелиерите остварија над 10.000 ноќевања од домашни гости, вели дека досега нема поплаки ниту од хотелиерите, ниту пак од гостите како од Охрид така и од другите туристички капацитети во земјава.
– Менаџерите на хотелите не смеат да си дозволат да ги бламираат вака гостите кои годинава одлучиле дали преку ваучер системот или преку агенциите да го поминат одморот во домашните летувалишта. Прво треба да си погледаат во сопствениот организационен систем и професионалноста и обученоста на кадарот, па дури потоа да ги обвинуваат гостите за нешто. Знаеме дека хотелите во туристичките региони кубурат со кадар и можеби во тоа е и проблемот – вели Нацевски.
Тој појаснува дека секој хотел мора да има систем на информирање почнувајќи од собарките па сѐ до рецепционерите и менаџерите.
– Правилото е јасно, секоја собарка треба дневно да информира што се случува во собите, дали нешто недостига или нешто е оштетено. Секој рецепционер без ваква информација не може да го отпише гостинот од хотелот. А како ќе се справат со проблемот зависи од обученоста на кадарот, но во никој случај гостите не можат да се подведуваат под една линија дека домашните гости крадат повеќе од странските – додава тој.
И од Министерството за економија преку кое се реализира ваучерскиот систем на обезбедување домашни гости во хотелите велат дека досега нема пристигнато поплаки од хотелиерите за одредени кражби.
Оттаму ги потсетуваат хотелиерите дека треба да работат според добрите практики на работење кои важат во земјава и во другите туристички земји.
– Секој хотел треба да направи проверка на собата пред гостинот да го напушти хотелот и доколку фали нешто или е нешто расипано гостинот има обврска истото да го плати. Од моментот кога се прави Chek Out, гостинот нема обврски спрема хотелот – велат од Министерството за економија.
Досега, според нивните податоци се искористени 34.041 ваучер.