Њујорк ќе ја дочека Новата година виртуелно, вирусот ја откажа прославата на Тајмс Сквер првпат по 114 години
Традиционалната новогодишна ноќ на Тајмс сквер во Њујорк, која вообичаено привлекува илјадници посетители, за првпат по 114 години е откажана, поради пандемијата со коронавирусот.
Наместо тоа ќе се организира виртуелна новогодишна забава која ќе можат да ја следат милиони луѓе ширум светот. Ограничен број луѓе ќе бидат пуштени на Тајмс сквер заради емитување на свеченоста.
Познатата кристална топка ќе слета на плоштадот и оваа година, означувајќи го крајот на старата и почетокот на новата година.
– Единствено нешто што нема да се промени е одбројувањето на полноќ на 31 декември. Ќе ни недостигате сите оваа година, но ќе ја донесеме прославата кај сите вас и ќе имате можност да ни се придружите виртуелно. Оваа прослава ќе биде визуелна, виртуелна и безбедна – изјави Тим Томпкинс, претседател на Алијансата Тајмс сквер, која е организатор на настанот.
Полицијата ќе формира кордон околу Тајмс сквер на 31 декември годинава за да се спречи евентуален помасовен собир.