Трамп: Договорот ќе ги направи двете балкански земји побезбедно место

514

Претседателот на САД, Доналд Трамп оцени денеска на потпишувањето на договорот за економска нормализација на Белград и Приштина дека беше потребна голема храброст на лидерите на Србија и Косово да го финализираат овој договор, јави дописникот на МИА од Белград.

– Овој договор ќе ги направи овие две балкански земји подобро и побезбедно место – изјави Трамп,






Тој потенцира дека овие земји сакаат подобра економска соработка во регионот и изрази верување дека тие ќе напредуваат во не толку далечна иднина.

– Сега е кампања во мојата земја, но ние сме горди што овие двајца големи лидери и нивниот народ се задоволни. Ова е навистина историски ден и ајде да го потпишеме и започнеме овој процес –  рече Трамп.

Тој додаде дека Србија ќе ја премести својата амбасада во Израел – во Ерусалим, а Косово дека ќе го признае Израел, како дел од преговорите со посредство на САД.

– Економијата може да ги зближи луѓето и тоа е она што се случува тука, моите луѓе завршија фантастична работа – оцени Трамп по потпишувањето на договорот.

Советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Роберт О’Брајан, по потпишувањето на договорот, оцени дека ова е првиот чекор кон нормализирање на економските односи и дека некои од темите се однесуваат на граничните премини меѓу Србија и Косово, економските односи, признавањето на дипломите и дозволите.

Специјалниот пратеник на претседателот за мировните преговори меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел рече дека сите се свесни дека процесот е заглавен долго време.

– Се боревме за симболични работи – рече Гренел и додаде дека Трамп зборувал од самиот почеток да се покрене економијата.

Тој посочи дека следната година ќе се видат нови работни успеси и работни места.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти, попладнево во Вашингтон потпишаа договор со претседателот на САД во Вашингтон за економска нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

Поврзани содржини