ССНМ и АВМУ го осудија нападот врз новинарот Љупче Златев

Уште еднаш потсетуваме дека е потребна итна измена на Кривичниот закон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади, се вели во соопштението на ССНМ.

1,025

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро го осудува физичкиот напад врз новинарот Љупче Златев што се случил вчеравечер во еден скопски локал, наведено е во соопштението.

„Според Златев, тој бил физички нападнат од лице, подоцна идентификувано од нападнатиот, кое се обидело да го исфрли од локалот при што му биле нанесени повеќе лесни телесни повреди. Нападот е пријавен во полиција и ССНМ очекува брзо откривање на сторителите и нивно изведување пред лицето на правдата. Слободата на говор и плурализмот во медиумите се основи на секоја демократија и без основна безбедност на новинарите и медиумските работници, не е можно практикување на оваа професија. Ги повикуваме институциите, МВР и Основното јавно обвинителство итно да постапуваат во ваквите случаи и тие да не се оставаат нерешени, бидејќи неказнивоста значи и еден вид охрабрување на идните престапници. Уште еднаш потсетуваме дека е потребна итна измена на Кривичниот закон, при што нападот врз новинари и медиумски работници ќе се третира како напад врз службено лице, односно институциите ќе мора по службена должност да преземаат дејствија за расчистување на ваквите напади“, се вели во соопштението.






Осуда за нападот пристигна и од Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги (АВМУ).

„Нападите врз новинарите претставуваат загрозување на слободата на медиумите и на слободата на информирање. Секој вид на притисок води кон уназадување на демократските процеси и е спротивно на европските вредности, кон кои се стремиме. Агенцијата во повеќе наврати апелираше дека безбедноста на медиумските работници мора да биде загарантирана, затоа што само така ќе можат непречено да ја вршат нивната општествено одговорна професија“, наведено е во соопштението.

Поврзани содржини