Заболените од ковид-19 во сѐ потешка состојба – им треба и до петпати повеќе кислород
Ако претходно на дел од пациентите им се даваше кислород од 1,5 до 2 милилитри на час, сега се бара болните да се стават веднаш на 10 милилитри кислородна поддршка! Значи, веќе немаат капацитет белите дробови. Затоа, да не чекаат болните кај кои е потврдена заразата со вирусот, кога кај нив дополнително, на симптомите коишто ги имаат, ќе се јават и замор, ќе загубат чувство за мирис, туку веднаш да се јават во болница, никако да не седат дома! - велат од болницата „8-ми Септември“ за Плусинфо.
Полна со пациенти заболени од ковид-19 е Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, а особено загрижува тоа што во последниве денови таму се јавуваат за прием сѐ потешки болни, на коишто им е неопходна и за дури пет пати повеќе кислородна поддршка отколку кај случаите кои порано биле хоспитализирани во оваа установа.
– Ако претходно на дел од пациентите им се даваше кислород од 1,5 до 2 милилитри на час, сега се бара болните да се стават веднаш на 10 милилитри кислородна поддршка! Значи, веќе немаат капацитет белите дробови. Затоа, да не чекаат болните кај кои е потврдена заразата со вирусот, кога кај нив дополнително, на симптомите коишто ги имаат, ќе се јават и замор, ќе загубат чувство за мирис, туку веднаш да се јават во болница, никако да не седат дома! Сега ни доаѓаат пациенти со многу лоши резултати од сатурација (заситеност на хемоглобинот во крвта со кислород), а тоа значи дека се веќе во многу лоша состојба – велат за Плусинфо од ГОБ „8-ми Септември“.
Вработените во оваа болница, но и на Клиниката за инфективни болести, во битолската, која е исто така преполна, и во многу други болници во земјата, веќе „паѓаат од нога“, бидејќи повеќе од три месеци работат во вонредни услови поради епидемијата, згрижувајќи ги и лекувајќи ги болните од корона, чиј број, за жал, „експлодираше“ овие две недели, кога се евидентираа и над 100 новозаболени на ден, а умираа и по деветмина.
Од денеска, болницата „8-ми Септември” е дополнително „десеткувана“ бидејќи речиси 40 вработени се заразени со коронавирус – тоа се по тројца анестезиолози и интернисти, 25 медицински сестри, ангажирани на одделенијата каде се лекуваат позитивни и сомнителни случаи, и пет болничари. На Клиниката за инфективни болести инфицирани се двајца здравствени работници, а други двајца оздравеле и се вратиле на работа.
Од ГОБ „8 Септември” објаснуваат:
– Болницата има место, околу 500 болни може да се примат, толку легла се вкупно на располагање, но на сите пациенти не може да им се пружи кислородна поддршка или приклучување на апарати за дишење. Има голема навалица од пациенти – велат од болницата за Плусинфо.
Оваа алармантна состојба ја потврди вчера за Алфа и раководителката на Ковид центарот во ГОБ „8 Септември”, д-р Патриција Каламарас, која е шеф на Инфективното одделение.
– Верувајте дека веќе немаме место и за машини, пребукирани сме и со болни, затоа што не е само потребата од кревети да имаме, ние имаме потреба секако и од персонал, а персоналот ни е преморен. Имам молба до граѓаните, прво да се заштитат самите себеси, а потоа и нас, затоа што целиот здравствен персонал, зборувам на општо ниво, во целата наша држава е веќе на колена – рече д-р Каламарас.