Австриските болници ќе примаат наши итни пациенти со ковид-19

465

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, во присуство на амбасадорот на Република Австрија Георг Вуцас и шефот на НАТО Канцеларијата за врски во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ, денеска во касарната „Гоце Делчев” во Скопје ја прими донацијата, која по втор пат во рок од еден месец, Република Австрија ја обезбеди за нашта земја како поддршка во борбата против ковид-19.

Помошта е обезбедена преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија (UCPM) и Координативниот центар за реакција при елементарни непогоди на НАТО (EADRCC).






Амбасадорот Вуцас во оваа прилика истакна дека ќе следи дополнителна помош од страна на Австрија, а во фокусот на австриската „ковид-19 помош” ќе бидат земјите од Западен Балкан. Воедно, тој потсети и на австриската понуда за прием на пациенти од Македонија во австриските болници, за кои е неопходен итен болнички прием и интензивна нега.

– Се работи за 500-тини пакети со средства за одржување на лична хигиена за едно петчлено семејтво – објасни Жерновски, притоа упатувајќи благодарност до амбасадорот Вуцас, до владата на Австрија и до австриските граѓани за нивната несебичност и солидарност во време на криза, со што само се потврдува поддршката која Република Австрија во континуитет ѝ ја пружа на Македонија.

– Вирусот не препознава граници и само заедно можеме да го совладаме. Австриската помош пристигна во вистинско време и за вистинска намена, имајќи предвид дека во периодот што следи ќе имаме потреба од вакви средства во големи количини – додаде Жерновски, при што потенцираше дека денешната помош од Австрија не претставува случајност, туку континуитет на добрите меѓусебни односи, бидејќи Австрија и претходно обзезбеди помош за земјава која се состоеше од шатори, ќебиња, генератори за електрична енергија, душеци и постелнина за еднократна употреба.

 

Поврзани содржини