Мене не ми требаат црвени телефони. Мене ми е чист образот. Некој да сакаше да го урне СЈО јас не му требав. Јас сум во притвор за пари што не се докажаа за Камчев да се спаси. Грубо сум изманипулирана од една личност и од неговата сопруга, рече Катица Јанева на заршницата во судскиот предмет „Рекет“ за кој изрекување пресуда судијката Васка Николовска-Масевска закажа на 18 јуни.
Јанева зборуваше дека за четири години покажала како еден обвинител треба да биде одважен и сигурен во себе и нагласи дека никогаш самата не би ги одбрала тие обвинители што „после четири часот не можат без салатка и ракија“.
– Пијаници и неисполнети личности не ми требаат. Кога станав шеф на СЈО, многу обвинители сакаа да дојдат. Ама јас реков дека за борба против криминалот ни требаат чесни луѓе. Затоа ги исфрлив некои и останувам на тој став – рече Јанев и додаде дека и е срам што е дел од судскио процес поради неспособноста и немањето докази.
– Ова голо обвинение без докази ми е жал што овие два дена го распарталивме како баница, јавната обвинителка Вилма Русковска не е тука да го чуе и да се црвени. Да подигнеш обвинение без извршени вештачења и тоа да биде прифатено од тројца судии. Секоја чест. Јас се срамам што сум дел од ова. А каде се парите? – праша Јанева.
Според неа, Русковска не докажала ништо во овој предмет.
– Само произлезе дека била свесна уште од старт дека води предмет за кој нема докази, се покажа дека наместо да биде објективен критичар всушност дава едно малициозно критизерство не само кон мене, туку и кон целото СЈО – рече Јанева и додаде:
– Да работеше јавната обвинителка, како што треба ќе утврдеше дека нема докази за ова дело и не може да покрене обвинение. Но, брзаше да покрене обвинение за три месеци, водена по тоа јас да не излезам од притвор. Тоа беше осуетено, па дури и се закануваше на судии со „тресење од гаќи” – рече Јанева во своите завршни зборови.
Таа ги спореше доказите, односно фотографијата на која е снимена со снопче пари.
– Јас на таа слика се гледа дека сум болна. Не играм чочек – срамота– рече Јанева.