Во четвртокот имаше состанок на потесното патиско раководство со членови и од службата за комуникации. По епидемиолошката анкета, препорачано му е на Марјан Забрчанец да оди во самоизолација затоа што во текот на состанокот седел најблиску до Мухамед Зекири, кој вчера доби позитивен резултат на коронавирус, рече потпретседателот на СДСМ Коста Петров во емисијата „Топ тема“ на Телма.
На состанокот бил и тој, но епидемиолозите за него не препорачале самоизолација. Петров рече дека на состанокот биле почитувани сите мерки кои ги наложуваат протоколите.
– Денеска и јас направив коронатест и резултатот е негативен – рече Петров.
Мила Царовска, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири и Сања Лукаревска имале состанок во вторникот, поради што Манчевски и Царовска се во самоизолација, објасни Петров.
Тој рече дека не е запознаен со епидемиолошката анкета на Лукаревска и не може повеќе да каже околу нејзините контакти.