УКИМ го одбележа Денот на Кирил и Методиј без молебен, свечена академија и прмовирање почесни титули
Чинот на положување цвеќе на кој се приклучија и деканите и директорите на единиците на УКИМ, се одвиваше во текот на целиот ден поради протоколите и мерките за заштита од ковид-19.
Наместо традиционално, со богата програма, настани и учесници, УКИМ денеска поинаку го одбележа „24 Мај“ – Денот на светите Кирил и Методиј, патрониот ден и 71-годишнината од основањето. Без молебен, без наградување на најдобрите студенти, без промовирање почесни звања и титули, без свечена академија, концерти или други уметнички перформанси.
Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и претставникот на Универзитетското студентско собрание, Георги Божиновски положија цвеќе пред споменикот на патроните на УКИМ, светите браќа Кирил и Методиј, кој се наоѓа на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки.
Цвеќе положи и делегација на Владата, предводена од техничкиот премиер Оливер Спасовски, во чиј состав беа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми, како и министерот без ресор, Зорица Апостолска, задолжена за странски инвестиции, како и делегација на Кабинетот на претседателот на државата, предводена од генералниот секретар Миле Бошњаковски.
Чинот на положување цвеќе на кој се приклучија и деканите и директорите на единиците на УКИМ, се одвиваше во текот на целиот ден поради протоколите и мерките за заштита од ковид-19.
– Како многу пати досега, повторно искрено ја признаваме нашата немоќ да ги пронајдеме вистинските зборови, вистинските јазични средства да ја изразиме нашата благодарност за делото на светите браќа Кирил и Методиј. Составувањето на првото словенско писмо и преводот на евангелските книги, епохалното дело на словенските сопокровители Кирил и Методиј имало религиозни мотиви, но успеало на наша среќа и радост да ги надмине и идеолошките и територијалните рамки и да влезе во светската културна ризница како сесловенско писмо. Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература, заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Заради огромната важност на нивната мисија, денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи. Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера – рече ректорот Јанкуловски.
Тој изрази голема благодарност за делото на следбениците на патроните, на нивните верни ученици Климент и Наум кои, како што истакна, не само што продолжиле да ја негуваат и развиваат словенската писменост, туку почнале да ја шират и да ја зацврстуваат низ целиот словенски свет.
– Тие успеале да ја зачуваат словенската духовна слобода и да создадат расадник од каде што се ширеше словенската писменост и култура. Охридската книжевна школа што ја создадоа Климент и Наум и од која излегоа 3.500 нивни ученици, стана најразвиено словенско културно средиште во IX и Х век, односно првиот словенски универзитет. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува доследен на своите заложби во реализацијата на својата мисија, да го продолжи и зацврстува својот развоен од како универзитет посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ (македонскиот јазик, историјата, литературата и културата), но истовремено да ги негува и културните вредности на другите етнички заедници во РМ – напомена Јанкуловски.
Во оваа прилика, тој се осврна и на ситуацијата со ковид-19 поради која наставата, работата и животот на УКИМ денес се поинакви.
– За жал оваа година, прв пат од своето постоење, УКИМ ја завршува тековната академска година на нетрадиционален начин, во вонредна и исклучително неизвесна состојба. Злото што со себе го донесе ковид-19 донесе големи промени во животот и секојдневието во целиот свет. Како резултат на пандемијата, исто како насекаде во светот амфитеатрите, предавалните, аулите и лабораториите на УКИМ, веќе трет месец се празни. Нема студенти, нема џагор. Користејќи го своето огромно знаење и искуство, согласно сите расположливи човечки, материјални и техничко-технолошки ресурси, УКИМ за многу кратко време успешно се адаптираше на новонастанатата ситуација и продолжи со својата работа и во овие вонредно тешки услови. Веќе трет месец, наставата на факултетите на УКИМ се одржува онлајн со користење на повеќе платформи чиј избор е оставен на самите факултетите и на професорите – рече ректорот на УКИМ, Јанкуловски.