Асоцијација за е-трговија: Лажни се тврдењата дека имаме поддршка од ФИТР поради наша поврзаност со Ангеловска
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ја демантира веста изнесена на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ од страна на портпаролот на партијата Наум Стоилковски.
„Веста, со која тој посочи дека Фондот за иновации и технолошки развој ја поддржал инцијативата „Дигитални услуги за сите” поради поврзаноста на Асоцијацијата со министерката за финансии, Нина Ангеловска ја карактеризираме како лажна и невистинита. Она што е најважно, а со цел објективното информирање на јавноста, е дека министерката за финансии Нина Ангеловска по нејзиниот избор за министер, од 02.09.2019 година не е на ниту еден начин поврзана со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и нејзината мината функција е целосно во мирување додека ја извршува јавната функција како министер за финансии, за што постојат уредно заверени документи“, се вели во деманот.
Асоцијацијата тврди дека е основана од 5 правни субјекти како здружение на работодавачи и во истата моментално има повеќе од 70 членови и подржувачи со кои заеднички ја градиме сликата за е-трговија во нашата држава.
„Во насока на транспарентно и објективно информирање на јавноста и нашите над 70 членки и партнери, цврсто стоиме зад фактот дека станува збор за проект со кој АЕТМ аплицираше на регуларен начин на јавен повик, како и сите останати апликанти во Јавниот повик „Креатон” за креирање на дигитални алатки и решенија за полесно и поквалитетно справување со здравствената криза во државата. Притоа, мошне значајно за целата ситуација е да се знае дека откако апликацијата беше позитивно оценета од страна на комисијата составена од членови од МАСИТ, Амбасада на Швајцарија во Република Северна Македонија, УНДП, УСАИД, УНИЦЕФ и други партнери и експерти, беше побарано да се достави и прашалник за проценка на ризикот, по кој комисијата процени дека не постои никаков ризик и поврзаност“, се вели во деманот од Асоцијацијата за е-трговија.