Инцидент пред српското собрание, протест на Двери и напади врз министри и пратеници

242

Лидерот на опозициското движење Двери, Бошко Обрадовиќ, со неколку пратеници и поддржувач, денес ги „блокираа“ скалите на влезот во српското собрание и во еден момент ги нападнаа министрите и пратениците на владеачкото мнозинство при влезот во зградата.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, протестот завршил околу 11.20 часот, а лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ порача дека е дојдено времето за време за бунт и ги повика граѓаните ширум Србија да излезат на улиците во сабота во 19 часот и да формираат протестни колони со велосипеди, автомобили и моторцикли.






Поддржувачите на Обрадовиќ и Двери свиркаа и држеа транспаренти „Долу владата“, „Дали короната зависи од изборите“, носеа српски знамиња и партиски симболи и порачаа дека претседателот на Србија го „предал Косово“.

Претходно, Обрадовиќ имаше „вербален дуел“ со министерот за здравство, Златибор Лончар, каде му порача дека ќе „оди во затвор“. Реагираше собраниското обезбедување, а Обрадовиќ потврди дека немало физичко насилство.

Пред Лончар, во парламентот беше пристигнат лидерот на радикалите, Воислав Шешељ, на кого собраните му извикуваа „уа“.

Пратениците на Двери тврдат дека пратеникот Милован Дрецун физички ја нападнал нивната колешка Марија Jaњушевиќ, а пратеникот Марјан Ристичевиќ е снимен во зградата со искината јакна.

Приврзаниците на Обрадовиќ го нападнаа и навредуваа и лидерот на Либерално-демократската партија (ЛДП) Чедомир Јовановиќ, порачувајќи му дека не е опозиционер, бидејќи нема да ги бојкотира изборите на 21 јуни.

Синоќа во организација на Граѓанскиот отпор, околу илјада граѓани со лидерите на Сојузот за Србија (СзС) потестираа, удирајќи во тенџериња и свиркајќи пред зградата на претседателството на Србија.

Претходно, партиите на опозицискиот Сојуз за Србија (СзС), го обновија решението за бојкот на парламентарните и локални избори на 21 јуни.

Денес, лидерот на Движењето на слободни граѓани (ПСГ) Сергеј Трифуновиќ, кој беше на синоќешниот состанок на опозицијата, изјави дека оваа партија донела одлука сепак да излезе на изборите.

Поврзани содржини