Тројца членови од едно семејство се обвинети за убиство на припадник на обезбедувањето на една продавница, кој им кажал дека треба да носат маска на лицето, објави Си-ен-ен.
Калвин Минерлин (43) починал во болницата во Флинт откако бил застрелан во главата во петокот.
Шармел и Лари Тиг и нивниот син се обвинети за убиство со умисла.
– Од сите показатели, Минерлин едноставно си ја извршувал својата работа според препораките од властите во врска со пандемијата од ковид-19 за заштита на вработените и на муштериите – рече окружниот обвинител Дејвид Лејтон.
Видео снимките го потврдуваат целиот инцидент.
Минерлин влегол во вербален дуел со Шармел откако ѝ кажал на нејзината ќерка дека ѝ треба маска. Ќерката ја напуштила продавницата, по што мајката почнала да вика по Минерлин, кој ѝ рекол да го напушти објектот и му рекол на продавачот да не ја услужува.
Снимката покажува дека веднаш потоа, жената заминала со возило, но се вратила по 20 минути. Нејзиниот сопруг и син влегле во продавницата, почнале да викаат по човекот од обезбедувањето и потоа го застрелале. Двајцата се во бегство, додека сопругата е во притвор.