За македонскиот молк, дваесет години подоцна

4,873

„Борбата на човекот против власта е борба на сеќавањето против заборавот“.
„Книга за смеата и заборавот”, Милан Кундера

Овој исказ подолу е напишан, за тие што паметат подобро, некаде на почетокот на септември 2004 и објавен тогаш, верувам во магазинот „Форум“, со Ѓунер Исмаил, како директор и Сашо Орданоски, како главен и одговорен уредник. Тогаш написот што е пред вас подолу под наслов „Македонски молк” беше директен протест против погубната пробугарска, односно антимакедонска политика на ВМРО-ДПМНЕ и против нивното удирање во темелите на АСНОМ.






Читајќи го денес, после скоро 20 години, сметам дека исказот ни влакно не изгубил од својата актуелност. Ништо не се изменило. Изменета е само една работа. Моите некогашни пријатели и борци против фашизмот се на другата страна на барикадите, цврсто застанати во одбрана на сегашниот клеро-фашистички режим во Македонија.

И не само тоа, туку со својата потенцирана и активна поддршка на демонот со бебешко лице и неговата патолошка омраза кон сѐ македонско и Асномско, всушност застана заедно со него на иста страна и со иста идеологија како првенците на ВМРО-ДПМНЕ.

Морам да признаам дека сум повеќе од шокиран кога го читам селективното цитирање на изјавите на бугарската Дора Бакојани, што, некогашниот истомисленик, другарот Сашо Орданоски, го прави, со што дрско се релативизираат заканите што Бугарската агресивна, иредентистичка и фашизоидна политика ги најавува кон Македонија.

No passaran, друже Сашо! I took it for a better!

И така, тие таму, еквилибрирајќи меѓу личните интереси и партиската лојалност, а јас овде, доследно следејќи ги моите идеали и следејќи го наукот на мојот ценет професор Ратко Ѓуровиќ. Односно, цитирајќи го, да појаснам:  „Мој је животни пут, ишо увјек право, док је пут партије кривудао ко пијанац од немила до недрага. Е па, џе смо се ја и партија сусретали ја био у партији, а џе нијесмо, мене су избацивали из партије.”

Довидување до следниот молк.

ПС. Друже Сашо Орданоски би бил пресреќен кога би ја запрашал, така малку цивилизирано, Захариева, која постојано уценува и која сега вели „тие да ја признаат историјата и ние ќе ја признаеме реалноста Македонија“,  за која тоа историја зборува таа? За нивната бугарска фашистичка и етноцидна? Тоа е факт кој е историски потврден. И зошто така дрско сака да го заборавиме Тито? Затоа што излезе како сојузник на победничката антифашистичка страна од Втората светска војна, а не на поразената фашистичка, на која што ѝ припаѓа Бугарија?  И те молам, не ми одговарај со „Науме, уживај таму во крисмас, што се занимаваш со наши борби овде…“ I don’t take that for an answer!

МАКЕДОНСКИОТ МОЛК
(септември 2004 година)

Дека mакедонскиот народ не само што е мирен и молчелив, работлив и послушен, отворен и гостопримлив, туку и дека е бескрајно трпелив и издржлив,нема потреба многу да се докажува. Последните настани во и околу Македонија денес, уште еднаш ја повторуваат оваа вистина. Токму затоа ни малку не треба да изненадува тоа што сега, кога над македонскиот иденитет се надвиснал оловениот мрак на бугарштината, насилно наметнат од квази-интелектуални мрши и стрвини, кога тој непречено одвнатре како жива рана се заканува да проголта сѐ пред себе, Македонија трпи и молчи. Не треба да изненадува, но затоа пак загрижува, затоа што во таа темница стравично одекнува тој македонски молк.

Молчењето е злато, ќе се најде некој циник веднаш да каже. Кому му треба нечие гласно присуство и спротивставување на примитивизмот, неукоста и варварското уништување на идентитетот на еден народ во ова зло доба, кој воопшто обрнува внимание на достониственото опстојување простум во ова време на нови црнила во Македонија? Кому му треба и кој го слуша гласот против индиферентноста, инфериорноста, потчинливоста, сервилноста што го овозможува бришењето на Македонија од лицето на земјата? Зошто молчи мнозинството во овој час? Каде се не само МАНУ, Уинверзитетот, писателиските и сите други асоциации, секоја чест на ретките исклучоци во нив, туку каде е македонскита интелигенција и македонскиот народ во целина кога однадвор и одвнатре ни се подготвува заборав? Каде е нашиот морален хоризонт ,кој сите нѐ одредува како суштества вредни за почит или не?

И во овој миг, веќе гледам таму, десет илајди километри делаку од мене, една голема инфериорна безличназ маса, која ги мршти своите лица и ги дига вегите, како ги сука масните мустаќи, како подригнува и негодува, како гнасно пцуе и грди, како ја спомнува мојата покојна мајка во сите форми и облици (е, сега тука доаѓа оној фин збор што е така убаво одомаќинет во македонскиот јазик и е толку убав за лапидарна комуникација)? Што има тој тука да ни соли памет!!!? Лесно му е нему таму!!! Што сака може тој да каже сега!!! Побегна на време!!!??? Тој нема право да заборува!!!???

За тоа дали, како, зошто, под кои услови, и сѐ друго во врска со физичкото заминување од Македонија, на потписникот на овие редови, друг пат и на друго место. Односно тогаш кога Македонија навистина ќе стане демократска земја, а не дукан во кој арамии од секаков вид само што ке влезат и ќе седнат на своите фотељи, веднаш ќе почнат да ограбуваат и уништуваат. Во прашање е, од една страна, едно арогантно и игнорантско отфрлање на се и сешто, инаетење и одбивање да се согледа сопствената морално-интелктуална и воопшто човечка беда во име на алчноста и грамзивоста за безгранична власт, и од друга страна, сѐ поголемото присуство на еден разурнувачки сталинистички ум кој во една подла форма сака да подели, да разедини и фрагментира, и конечно да избрише и анулира. Тие работи мора да бидат прокажани. Тоа зло заслужува повеке од одговор.

Значи, проблемот на јавен исказ и протест против сталинстичко-фашистичката демонтажа на Макадонија не е географски, или идеолошки туку егзистенцијален. Јасно треба да се даде одговор не на прашањето каде „сум“ и каде „егзистирам“, таму или овде, бидејки сум, постојам и со слободниот избор на своите постапки ја преземам одговорноста на тоа постоење, туку сега и овде треба јасно да се каже „што“ сум и „кој“ сум без разлика на тоа каде сум. Егзистенцијална потреба е да се прокаже и оневозмози секој обид за негација на тоа што сум.

Бесмислено е правото на говор и национална припадност некој да му ја одредува било кому според географското присуство или отсуство, односно според тоа дали сум во Македонија или не. Сакал или не јас сум тоа што сум и таму и ваму. Првин по сопствен избор, а потоа и по наследна припадност. На жалост, СУМ Македонец. И покрај тоа што првин сум човек, а после сѐ останато, сепак според генетско-етничкиот код сум, и го сакал јас тоа или не, го носам со себе или на себе како некој пален знак. Од тоа проклетство бегање нема. Тоа е вградено во моето ДНА.

Токму во името на тоа проклетство, затоа што него никој не може да го одобри или забрани, а да не зборувам во името на демократијата и слободта на говорот на кои новите xамбази и властодршци така лесно се повикуваат, а ни позади не ги ставаат, никој нема право да ми пропишува рецепти за однесување и за тоа кога имам право да зборувам а кога не. А уште помалку некој има право да ме присвојува или да го менува мојот идентитет да ми забранува да зборавувам на јазикот кој јас го бирам како свој, без мое доброволно одобрување и согласување.

Значи, она што загрижува и револтира е тоа што на дело е една подла травеститска претстава, наречена Метастаза/Бугарштина, која во еден стравичен стил се одигрува на македоско тло и која во „најсветла“ сталинстичка традиција и со најперфидни тоталитарни фашистички методи првин сака да ни се избрише сеќавањето – се сеќавате ли на Кундера и неговата „Книга на смеата и заборавот“ – а потоа нормално де се избрише и нашето постоење, а консеквентно и секаков знак на тоа постоење. Односно, една бедна толпа, преоблечена во руво на демократија, деполитизација, симнување на хипотеките од минатото, инагурирање на бугарски корени на македонскиот јазик, ја турка Македонија кон хоризонтот на тотално исчезнување и бришење од сите секавања.

На бришењето на сеќавањето мора јасно да му се каже НЕ!

На оние со кратко паметење, особено оние што се занесуваат дека историјата на Македонија започнува во деведесетите и со нив, сигурно чудно им звучи исказот дека вусшност во Македонија на дело е ревитализација и реализација на еден стар/нов Сталинистички проект, кој со најсвирепи методи на застрашување, и постојани чистки на сите нивоа од животот, значи користејќи една позната тоталитарна методолгија на владеење, од петни жили се труди да ја избрише Македонија од секавањата.

Од каде сето тоа? Како?

Да се навратиме малку кон историјата, таа немилосрдна учителка на животот, да прочепкаме низ бесрамниот процес на опструкција и деконструкција на Мекедонија во вторава половина на веков, и да видиме што сакаат да заборавиме овие денешни квази демократи и искривувачи и прекројувачи на вистината. Да видиме кои се актерите во оваа бесрамна травестија наречена бришење на сеќавањето, распарчување и исчезнување на Македонија.

Современата македонска историјата не учи дека по конститутивното создавање на Македонија со декларацијата на АСНОМ, како самостојна и рамноправна република во рамките на Југословенската федерација, со свое легинтимно право на самоопределување, и по нејзиното конечно ослободување од бугарскиот фашистички окупатор есента 1944 година, македонскиот народ за прв пат во историјата доби своја држава и можеше да говори на свој македонски јазик. Во духот на новото време, македонските антифашисти, комунисти, народнофронтовци и сите други борци за слободна Македонија, поддржани и помогнати од Тито и тогашното Југословенско антифашистичко и комунистичко раководство, бранејеки ја и афирмирајки ја определбата за рамноправност меѓу народите, ја прифакаат идејата за соединување меѓу југословенската федерација и новата бугарска држава.

Според таа идеја, која многу ветуваше, се предивдуваше Бугарија, на која слободата штотуку ѝ беше донесена на советските тенкови, да биде седма република во Југословенската Федерација. Со тоа, од една страна, на Бугарија ѝ беше овозможено да ги очисти своите фашистички гревови, а од друга страна, истовремено требаше да се исправи и уште еден друг грев од историјата, а тоа е распарчувањето и поделбата на Македонија по Балканските vојни. Тогашниот бугарски комунистички лидер Трајчо Костов, ја прифака оваа идеја, која ќе овозможи обединување на Вардарска и Пиринска Македонија. Меѓутоа, по наредба на Сталин, кој од многу причини ќе се спротивстави на тоа, истакнувајки дека не е време за унии, оваа благородна идеја веќе на самиот почеток на јануари 1945 е мртва. А и Трајчо Костов по итна постака нешто потоа ќе биде сменет. Ништо изненадувачки во срамната историја на сталинизмот. Денес те има, утре те нема.

Иницијативата на Тито и Георги Димитров

Нешто подоцна Тито и Геоги Димиртов пројавуваат слична инцијатива за унија меѓу двете држави, со која освен царинска и трговска унија, се овозможува и целосна културна автономија на Македонците во Пиринска Македонија, а во подбри времиња и соединување на двете целини. На средбата Тито – Димитров во Блед во август 1947, дури и се детализираат основните претпоставки на идната федерацијата. Меѓутоа, бугарските сталинисти повторно подржани од страна и заштитени од својот „хазјаин“ во Москва, повторно ја одложуваат оваа унија за извесно време. Така, во пролетта 1948, Димитров е остро критизириан во тогашна „Правда“, познатото и моќното гласило на Сталин, и со остар Сталинов прекор дека на Балканот „не се потребни проблематични и измисленини федерации или конфедерации“, инцијативата е сосечена во корен. Нешто потоа Димитров и Тито се повикани во Москва на „другарски разговор“, на кој итриот Загорец не оди, а од кој Димитов се враќа во мртовечки ковчег во Бугарија.

Не е тешко да се погоди дека признавањето на Македонија, на македонскиот јазик, како и признавањето на човековите права и културната автономија на Македонците во Бугарија, се една од главните причина за овие драконски мерки. Историјата исто така нѐ учи дека неколку месеци потоа Тито и Југославија се прокажани и исклучени од Коминтерната за разбивање на комунистичката монолитност, за предавство и ревизионизам, за непослушнот и скршнување од патот, и за служење на капиталзимот и империјализмот. Како резултат на тоа, македонското малцинство во Бугарија ја губи автономијата и сите човекови права, а бугарските сталинисти од тогаш па сѐ до денес, и сега и овде, ја користат истата идолошка реторика и истата матрица, која на зачудувачки начин е просто идентична со фашистичката: „една териториа, един народ од Черно до Бјало море“, според кои Македонија, „најскапоцениот камен во бугарската круна“, може да постои како географска целина, како државна единица, но макдонски народ и јазик нема. Тие се дел на бугарскиот народ, јазик и култура.

И уште една попатна ука за денешните искривувачи на вистините и квазидемократи. Титовото историско НЕ на Сталин е првиот сериозен клин во телото на сталинизмот и вистински почеток на демонтажа на монолитниот комунистички блок, го сакале тие тоа или не. Попатно!

Бришењето на Тито од македонската историја

Меѓутоа, со исчезнувањето на комунизмот, идејата за десртукција и бришење на Македонија не исчезнува, туку токму напротив се интензивира. Во новосоздадените услови на хаос и незнаење, сѐ е можно. И додека во текот на последните десетина години Македонија принудно присуствува и молчеливо гледа како од Бугарија ѝ се инфилтрираат бугарски сталинисти, националисти и фашисти, всушност сега во „слободата“, тие, новородените слободари од најразлични провинциенции, ја воспоставуваат својата прецизна подготвена струкутра и план за егзекуција на Македонија. Првин треба да се отстранат и урнат сегментите што го потвдрдуваат идентитетот и постоењето на Макдеонија. А потоа е лесно.

Така, на почетокот на деведесетите, тие „најмакедонците од сите Македонци“, сокриени зад маската на голема љубов кон Македонија, а всушност најверни послушници и сталинисти од најопасен сој, во својата планирана еуфорија и „борба“ за „независна“ Македонија, со сите можни орудија се трудат да ја растурат тогашна Југославија. За нив федерацијата на републики, Југославија, тој „омразен комуњарски режим“ – ах, таа зандана на народите – е она што попрво и што побргу мора да се сруши. Југославија мора да ја нема за да се создаде простор во кој тие, растурачите на Југославија, ќе можат што побргу и полесно, не да ја зајакнуваат самостојноста и државотворноста на Македонија, туку напротив, во својата поданички и слепа љубов кон источниот сосед, континуирано да ја слабеат, да и ја туркаат во скутот на Бугарија, и со своето освојување на власта да ја обезличат, а потоа да ја стават на бришан простор, со што полесно ке може да се посегне по неа и да се избрише од географските карти.

Во истата таа травеститско вулгаана игра спаѓа и детронизацијата на омразениот комунистички диктатор Јосип Броз Тито (?!!!). Тој беше одамна мртов тогаш. Броз, како што го именуваа тогаш, во истиот тој стил и нагон за рушење мораше да биде исплукан и исвиркан, требаше да се фрли што повеќе кал на него, да се нагрди како најцрн ѓавол и непријател на Македонија. Тој беше пречка затоа што со својот огромен авторитет на воен водач-антифашист, кој излегол на победничката страна од втората светска војна, а не на поразената (фашистичката и бугарската), како ретко кој не-македонец во поновата историја придонел во создавњето и признавањето на совермената македонска држава и јазик. Со самото тоа што тој прв ја препозна и призна реалноста и посебноста на Македонија, беше опасен. Затоа тој требаше што поскоро да се отстрани, да се сокрие и да се избрише од сеќавањето на Македонија. Да се заборави, како и да не постоел.

Јосип Броз, по матрицата на постапките на останатите југословенски националфашисти, мораше да биде претворен во непријател на народот број еден. Тоа што Броз меѓу првите се заложи за обединување на трите дела на Мекедонија, уште во текот на 1945, мораше да се премолчи, да се искриви и уништи. Историјата мораше да се фризира и фалсификува, затоа што оној момент кога оној што ја признава, брани и ја афирмира Македонија и нејзиниот јазик ке го нема, тогаш многу полесно може и неа самата да ја снема.

Таа игра немаше да биде потполна ако во тоа време тука некаде на исток, нашиот источен сосед не биеше на сите тапани за да покаже лицемерно пред светот дека прв ја признал државата Македонија.

Мерси Блгарија

А зошто и ден денес не го признае и постоењето на македонскиот народот и неговиот јазик, станува многу појасно особено овие денови кога конечно паѓаат маските. По повеќегодишно камелеонско поткопување на македонскиот иденитет, а со доаѓањето на овие травестирани сталинсти на власт како дел и во форма на една неприродна хемафродитна коалиција, почнува отворено да се трасираат правците на развојот на новата голема бугарска братска држава и конечно започнува проектот растурање на сѐ она што има македонски иденитет.

Од тука, не е тешко да се види и да се заклучи, та тоа секому може да му е јасно, дека сите овие растурачи, всушност се истите оние некогашни апаратчици, кои и сега, целиот овој пост-комунистички период спроведуваат еден те ист концепт и една те иста идеолошка платфома: промоција и афирмација на заборавиот и изченување на Македонија. Ако треба и со терор.

Токму затоа е ужасно силен и болен македонскиот молк кој долго трае додека немуштите сталинистчко-бугарски аѓутанти во Македонија примитивно и од петни жили сакаат да нѐ убедат дека промовираат демократија и деполитицазија, а всушност само инагурираат време на невидени чистки и воспоставуваат тоталитарен пејсаж сликан со партиски јасно определен, прецизно обоен, сервилно лојален и подобен кадар.

Токму затоа, мора да им се каже НЕ на македонските маскирани сталинисти, бугараши, травестирани демократи, „најголеми Македоници од сите Македонци“, така страсно загрижени „за националното единство на Македонија“, но скроено единствено по нивен аршин, дека:

– прекројување на историјата по нивни терк не може да има, затоа што постојат факти и докази и секој обид за нивно отстранување или уништување е нецивилизиран и криминален чин, кој во секоја заедница која се повикува на владеењето на законот, се казнува;

– нивната деполитизација е смешна, затоа што е обична гнасна лага и манипулација, бидејки во основа секој јавен чин, секое делување во заедницата е политички акт, кој вусшност е резултат на одредена политичка доктрина и идеолгија и истовремено е обид за спорвдување на таа политичка идеолгија и доктирна;

– помирување не може да има со никого кој што во основите на својата егзистенција и пројава не го искажува, афирмира и брани македонскиот идентитет и посебност, без разлика на неговата идеолошка провинциенција.

Оттаму, секоја демагошка најава од џамбазите бугараши на власт за раскрстување со идеолошките застранувања и ослободување од хипотеките на минатото (етнички, јазички, историски или идеолшки) се обични травестиски маски, зад кои се крие нивното грдо сталинситчко/фашистичко лице кое уште еднаш ја изопачува вистината и ги менува тезитие. Логиката на вистината е поникава. Една работа е кога двајца се Македонци, а едниот од нив е комунист, а другиот демократ, или христијанин, а сосема друга работа е кога од двојца едниот е Македонец а при тоа демократ или комунист или хрстијанин, а другиот е Бугарин и антимакедонец и притоа сталинист и/или фашист.

Македонскиот молк во оваа мрачна доба, може само да го забрза ужасот што го подготвува гнасата на новиот сталинизам во Македонија. И тогаш, додека ѕвеѕдите на Анте ќе шепотат на некој туѓ јазик, сосема слободно ќе можеме да речеме: Добра нок Македонијо, каде и да си.

П.С. Овој исказ нема намера да биде поддршка или апологија на било кој организиран политички субјект во Македонија или надвор од неа.

 

Поврзани содржини