Компанијата на синовите на Трамп бара државна помош од Велика Британија и Ирска
Сите хотели со кои располага компанијата моментално се затворени во согласност со мерките за забрана на движење кои се спроведуваат во тие држави.
Компанијата „Трамп Организација“ која држи голф кампови во Европа, побарала државна помош од владите на Велика Британија и Ирска за да ја надмине кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот, тврди Ју-Ес-Еј Тудеј.
Компанијата, која моментално ја водат синовите на американскиот претседател, Ерик и Доналд Трамп Јуниор, бара државна помош за покривање на платите на вработените во нивните голф одморалишта во Донбег во Ирска, и во шкотските области Ејршајр и Абердиншајр, тврди весникот, а пренесува американската ТВ мрежа Си-Ен-Би-Си.
Сите хотели моментално се затворени во согласност со мерките за забрана на движење кои се спроведуваат во тие држави.
Во информацијата се додава дека Ерик Трамп потврдил за Ју-Ес-Еј Тудеј дека „Трамп Организација“ бара финансиска помош од локалните власти.
– Како и милиони компании низ светот, и нас владините мерки не примораа привремено да ги затвориме угостителските и хотелските објекти, и правиме се што можеме да го задржиме и да му помогнеме на нашиот многу скапоцен персонал – рекол Ерик Трамп.
Портпаролите на „Трамп Организација“ и „Трамп Интернешнел“ не биле достапни за коментар.