Ангеловска: Податоците за отпуштени лица во периодов треба да ги гледаме потполни
Таа додаде дека доколку хипотетички сме имале одјавено 20.000 лица овој период, а имало пријавено 16.000 лица, тогаш се работи за нето-ефект кој што треба да биде погледнат од пријавени и одјавени лица.
Министерката за финансии Нина Ангеловска одговори на новинарското прашање дека во март откази добиле преку 20.000 граѓани, наспроти информациите од Агенцијата за вработување дека се отпуштени 1.900 лица.
– Сметам кога гледаме податоци да гледаме потполни. Многу е мала разликата да се репортира или соопштува податок на пример за одјави по основ М1 и М2 образец, без да се спореди прво со пријавите и да се спореди со истиот период од минатата година – рече Ангеловска.
Таа додаде дека доколку хипотетички сме имале одјавено 20.000 лица овој период, а имало пријавено 16.000 лица, тогаш се работи за нето-ефект кој што треба да биде погледнат од пријавени и одјавени лица. Ако истиот тој период биде спореден со периодот од минатата година, дефинитивно трендот е дека има забележано зголемено одјавување, односно намалување на бројот на пријавени лица.
– Ние мораме на оваа ситуација да и пристапиме со една доза на реалност. Дали е нормално да очекуваме дека ќе има одредени затворања на работни места. Одговорот е Да. Дали превземаме се тој ефект да биде минимизиран и тоа е апсолутно да. Тоа се прави на системски начин со одредени мерки се со цел да дојде до фазата на опоравување штом ќе дојде момент за тоа – рече министерката.