Молк од Џафери дали ќе го свика Собранието

Во свои претходни изјави тој кажа дека Парламентот не може по самораспуштањето на 16 февруари повторно да биде свикан.

344

Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува во текот на денот да се изјасни за барањето за итна седница на која како што предложија триесет и петмина пратеници кои се потпишаа на иницијативата на СДСМ би требало да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба поради ковид-19. Џафери, според Деловникот и законите, нема рок ниту обврска да одговори на ова барање.

Во свои претходни изјави тој кажа дека Парламентот не може по самораспуштањето на 16 февруари повторно да биде свикан. Па, така, првото барање за воведување вонредна состојба што до него го достави премиерот Оливер Спасовски, тој не го проследи до пратениците туку директно до претседателот на државата Стево Пендаровски, кој ја прогласи вонредната состојба. По втор пат исто така Пендаровски прогласи продолжување на вонредната состојба.






Партиски извори велат дека се поизвесно е дека Џафери нема да свика седница, и оти во тој случај треба што поскоро да се оди на избори. Во ваква ситуација поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, здравствените власти се тие кои треба да дадат одговор кога реално би можело да има избори.

– Институциите и државата не може да функционираат на овој начин, сметаат дел од пратениците со кои разговаравме, дотолку повеќе што владата е техничка и беше формирана за организирање избори. Децидни се дека потпретседателите на Собранието не можат да свикаат седница, туку единствен кој може е Џафери и никој друг.

Триесет и пет пратеници од СДСМ и нивни колеги од НСДП, ЛДП, Алијансата на Албанците, ДПА, Беса, Алтернатива и пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието вчера поднесoa барање за свикување итна седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата со ковид-19 од страна на претседателот на државата.

Тие бараат врз основа на член 63 став 4 од Уставот, член 15 став 4 од Изборниот законик, како и врз основа на членовите 67 и 68 став два од Деловникот Собранието од претседателот на Собранието да свика итна собраниска седница со две точки на дневниот ред и тоа потврдување на одлуките на претседателот за прогласување на вонредна ситуација на целата територија на државата од 18 март и од 16 април оваа година.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ претпладнево повторно преку соопштенија ги потврдија веќе утврдените ставови.

СДСМ обвинува дека опозицијата е заглавена во антидемократска и деструктивна фаза,ви оти за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и за ВМРО-ДПМНЕ Собранието е најголемиот непријател.

– Со таквото однесување, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека е против силен и независен законодавен дом, што и не зачудува бидејќи навиканти од времето на режимот, во белиот дворец, сакаат да имаат контрола над се, на секоја институција во државата – посочуваат од СДСМ.

Според нив, поднесената иницијатива на пратениците за свикување на седница во Собранието е демократски порив – Собранието да се состане и да се потврдат одлуките на Претседателот на државата и парламентот да биде во функција и контрола на извршната власт, како што впрочем е и во секоја демократија.

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, само 30-тина од 120 пратеници ја поддржуваат противуставната борба за фотелја на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– СДСМ е единствената партија во светот чиј лидер спасот од одговорност го гледа во борбата за фотелја наместо во борба за здравјето на граѓаните. Додека Заев е таков Спасовски пак е единствениот премиер кој поради непостоечки случај на корона се смести себе си во изолација и половина влада. Толку се неспособни што министерот за здравство не може да ја заштити сопствената влада, а камо ли да го заштити народот. Заев очигледно е подготвен по цена и на животи да се бори за фотелја затоа што така мисли ќе се спаси од одговорност за криминалот. Тој е подготвен да го крши Уставот и да враќа веќе распуштено собрание што би било уште еден голем преседан и брутално газење на Уставот – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани содржини