За имунитетот на демократијата

Добро, куќата ни е во пламен и се очекува сите да придонесеме да се изгасни огнот на коронавирусот. Меѓутоа, идејата дека ништо друго не е важно, е плитко размислување. Треба секогаш да мислиме и за имунитетот и на демократијата. Во каква состојба ќе биде демократијата во светот  кога ќе заврши пандемијата? 

787

  

Пандемијата на коронавирусот покажува дека многу либерлни луѓе се спремни, барем привремено, да се откажат од своите демократски принципи само за да се справиме со злото. Исто како после терористичкиот напад од 9/11 кога повеќето Американци ги прифатија без противење проширените безбедносни мерки и тајното следење како и други форми на ограничување на човековите слободи.






Добро, куќата ни е во пламен и се очекува сите да придонесеме да се изгасни огнот на коронавирусот. Меѓутоа, идејата дека ништо друго не е важно, е плитко размислување. Треба секогаш да мислиме и за имунитетот и на демократијата. Во каква состојба ќе биде демократијата во светот  кога ќе заврши пандемијата? 

Артур Росенберг, германски марксистички историчар, во 1932 година го пишува својот влијателен политички есеј „Фашизмот како масовно движење“.  Розенберг корените на фашизмот ги наоѓа во реакционерните масовни движења од деветнаесеттиот век. Овие движења пропагирале ултрапатриотски национализам, расизам и омраза кон левицата и кон демократијата. Значи, иновацијата која ја вметнуваат фашистите од Италија и од Германија во формулата на нивното владеење не  е толку во идеологијата која е само имитација на раните традиции на конзервативната и радикална европска десница, туку на употребата на вооружени банди во борба против левицата и демократијата. Оттаму и денешната грижа да не се запостави овој опасен политички вирус на фашизмот и, преку пасивизација на општеството, да не му се создадат услови да прерасне во епидемија.

На крајот од оваа пандемија сите држави во  светот ќе бидат соочени со сериозен избор. Заедно да почнеме да создадаваме едно поправедно домашно општество во еден поправеден свет или секоја држава одделно да дозволи да продолжи еден трагичен циклус на пренесување на моќта врз државата онака како што ќе се мултиплицираат невољите на човештвото. Имено, ако човештвото продолжи по истиот пат на брутална и неограничена експлоатација на ресурсите на планетата Земја кои, пак, се ограничени, ова со короната ќе почне зачестено да ни се повторува, во еден облик или во друг.

Отсуство на светска грижа за климатските промени, за неконтролираниот раст на популацијата, за ограничените количества воздух и вода, да не ги споменувам болестите на сиромашните народи, сега е веќе јасно, ќе ги погоди и најбогатите земји во светот. Таквата негрижа за заедничкото добро на планетата Земја, во корист на еден хипериндивидуалиран капитализам кој почива врз егоизмот, во наредните декади, ќе предизвика епидемии, енормен пораст на немаштијата, преселба на народи и драматични климатски промени. Ова, денес, сеуште е политичко прашање.

Но, сказалките на часовникот покажуваат пет до дванаесет. Кога оваа состојба ќе стане  реалност во која луѓето масовно се разболуваат и умираат, барањето на алтернатива ќе се наметне со сета драматика. Но, таквата состојба е шанса и за вирусот на фашизмот. 

Тоа што сме мала земја не значи дека и  во нашето општество не постои политичкиот вирус на радикалната десница – ултрапатриотскиот национализам, расизмот и омразата кон левицата и демократијата. Во услови на голема економска криза и невработеност, каква што би можеле да следи по пандемијата, човечките суштества стануваат помалку отпорни на оваа политичка зараза –  во Македонија, во Европа или во Америка. Затоа, треба напор, секојдневна борба и оптимизам, да се сочува слободата, демократијата и либералната држава.

Колумната е преземена од Инбокс 7.

Поврзани содржини