Дали коронавирусот ќе ги одложи изборите или само ќе ја смени кампањата?

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на лидерската средба ќе предложат сет мерки за заштита од коронавирусот, а од СДСМ рекоа дека засега не можат да откриваат за што точно ќе разговараат партиските лидери на средбата.

824

Лидерите на политичките партии денеска во 13 часот ќе одржат средба на иницијатива на техничкиот премиер Оливер Спасовски, а по повод состојбата со коронавирусот во земјава. Средбата веќе ја потврдија лидерите на сите партии, а освен претседателите, на состанокот ќе присуствува и уште по еден претставник на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ, на Беса, на ДПА, на Алијансата за Албанците, како и на Алтернатива.

Како што е најавено, таму ќе се разговара за владините мерки за справување со заразата, а во политичките кругови гласно се зборува за тоа дека на маса ќе биде ставено и прашањето дали пандемијата ќе ги одложи предвремените парламентарни избори закажани на 12 април.

Одложувањето на изборите е терцијално, а не примарно прашање

Наум Стоилковски Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, за Плусинфо вели дека на денешната лидерска средба партијата ќе предложи сет мерки за заштита од коронавирусот.

– Не можеме однапред да знаеме за што точно ќе се зборува на денешната лидерска средба, но во секој случај, заклучоците што ќе произлезат оттаму ќе бидат во интересот на граѓаните. Како партија, апсолутно нѐ загрижува неспособноста на власта на СДСМ, но веруваме дека професионалците и стручните лица успешно ќе се справат само доколку власта го ангажира целиот капацитет. На средбата ќе предложиме сет мерки во насока на превенција од коронавирусот. Одложувањето на изборите е терцијално, а не примарно прашање – вели Стоилковски.

Тој го искоментира и времето кое е предвидено за одржување на денешната лидерска средба, бидејќи Владата објави соопштение во кое се вели дека состанокот помеѓу лидерите на политичките партии ќе трае само 30 минути.

– Организирате лидерска средба поради опасниот коронавирус, а времето предвидено за разговор изнесува само 30 минути. Тоа е лудост. За половина час не можат ни да седнат луѓето – вели Стоилковски.

Коментар побаравме и од портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, но тој рече дека засега не може да открива за што точно ќе разговараат партиските лидери на средбата.

– Не би можел да шпекулирам. Најдобро е да почекаме да заврши средбата, па потоа да ги коментираме пораките што таму ги упатиле партиските лидери. Од она што можам во моментов да го кажам е дека и понатаму ќе продолжиме да ги следиме насоките на Министерството за здравство – рече Костадинов.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, пак, вчера истакна дека изборите треба да се одржат, а за денешната лидерска средба рече дека целта е да се одредат моделите на предизборната кампања кои ќе се прилагодат на ситуацијата со коронавирусот.

– Целта на лидерската средба е да разговараме околу моделите на кампањата, каков вид кампања е дозволена и што е препорачливо за да можат партиите да ги промовираат своите програми, кандидати и визии, а при тоа да се испочитуваат сите државни задолженија и препораки за заштита од коронавирусот. Можеби заразата ќе нѐ стави во позиција да користиме некој поинаков вид кампања. Во секој случај, електронските медиуми и интернет можностите ни стојат на располагање – рече Заев.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски утринава посочи дека во светот нема поважна работа од здравјето и животот на граѓаните.

– Многу одговорно е да ги повикам сите лидери на политички партии во земјава и да разговараме за мерките донесени од Владата за справување со коронавирусот. Нема поважна работа од здравјето. На оваа лидерска средба ќе разговараме за мерките и ќе размениме нови предлози. Најважно од сѐ е партиите од власта и партиите од опозицијата денеска да бидат обединети и да изненадат со единство во однос на здравјето и животот на граѓаните – порача Спасовски во „Утрински брифинг“.

Министерот за здравство, Венко Филипче, пак, прашан дали состојбата со коронавирусот ќе предизвика одложување на изборите, одговори дека е тешко да се предвиди како ќе се одвиваат работите.

– Во поглед на изборите кажав дека ја следиме состојбата и навистина во моментов е многу тешко да се предвиди како ќе се развива заразата – истакна Филипче.

Како што е најавено, лидерската средба ќе започне во 13 часот, а партиските лидери ќе даваат изјави за медиумите во 13.30 часот.

Поврзани содржини