Народна банка: Од утре од 10 до 12 часот во банка да одат само пензионерите
Граѓаните коишто се во други возрасни групи да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите во тој термин, апелираат од НБ.
Народната банка апелира граќаните да ги посетуваат филијалите и експозитурите на банките само кога е тоа неопходно и неодложно, а за што повеќе да се користат услугите на банките за електронско и мобилно банкарство.
Од централната банка советуваат од утре во терминот од 10 до 12 часот, кога е дозволено движење на лицата над 67 години, граѓаните коишто се во други возрасни групи да се воздржат од посета на филијалите и експозитурите.
– Во овој термин да се даде приоритет на повозрасните граѓани коишто имаат неопходна потреба од банкарски услуги, тоа да го сторат навремено и без да се загрози нивното здравје. Граѓаните коишто се во други возрасни групи, доколку имаат неодложна потреба од посета на банките, тоа да го сторат пред 10 или по 12 часот – велат од НБ..
Притоа се апелира за време на една посета на банките да се реализираат сите банкарски услуги за коишто граѓаните сметаат дека е потребно физичко присуство.
– Доколку имате неопходност од посета на филијалите и експозитурите на банките, замолуваме да се почитуваат препораките за соодветна раздалеченост и за самозаштита. Да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите да не се загрози здравјето и Секаде каде што е можно, при плаќање да се користат платежните картички.
Од Народната банка советуваат што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство.
– Ние сме во интензивна комуникација со банките, со конкретни предлози и решенија за да се надминат проблемите коишто беа актуелни изминатите денови, кога при исплатата на пензии и на социјална помош, бројот на граѓаните коишто ги посетуваат филијалите и експозитурите е зголемен. Истовремено, за овие предлози и решенија веќе дискутираме и со претставници на локалната самоуправа и на општинските кризни штабови, за да се примени пристап којшто ќе даде најдобар и најефикасен резултат – велат од НБ.
Како централна банка,додаваат од НБ, максимално се заложуваме за системско решение коешто ќе биде спроведено за организирање на работата на банките при следните исплати на пензии и на социјална помош, процесот да се одвива поефикасно и без проблеми како во текот на изминатите неколку дена.
– Граѓаните коишто се корисници на пензија и на социјална помош, пред следните исплати, навремено ќе бидат известени на организацијата на работата на банките.Апелираме во текот на претстојниот период, сите граѓани да се придржуваат до препораките за соодветно користење на банкарските услуги без да се загрози јавното здравје – велат од НБ.