Грчките анархисти донираа храна и пијалаци во Домот за старци во Атина
Членовите на групата, овие нивни активности, најчесто ги карактеризираат како „интервенции“, а зад секој упад постои и конкретна причина.
На апелот од Домот за стари лица во Атина, дека итно имаат потреба од храна и основни продукти, позитивно и експресно одговорија членовите на грчката анархистичка група „Рувиконас“, јави дописничката на МИА од Атина.
„Десетици лица одговорија на повикот и се собраа стотици кеси со храна и основни продукти за Домот за стари лица. Претседателот на Домот за стари лица ни рече дека е најголемата направена донација. Се наполнија две простории. Им благодариме многу на сите што се одѕваа и за само 48 часа успеавме да собереме толку работи. Ќе продолжат активностите на Рувиконас за помош на ранливи групи граѓани“, напиша на неговиот „Фејсбук“ профил еден од основачите на „Рувиконас“.
Од Домот за стари лица во Атина, упатија апел за помош дека неопходни се маски, антисептици, сапуни, средства за чистење, средства за лична хигиена, храна и сл, за да може да продолжи грижата за околу 140-те лица сместени во домот.
Анархистичката група „Рувиконас“ стои зад низа упади со бои и летоци на странски дипломатски претставништва во Атина, на канцеларии на министри и политичари, но и на грчкиот Парламент, а имаа обиди за влез во неколку министерства.