Македонскиот Колумбо: Работев напорно за да го остварам сонот – шестмесечна авантура низ Јужна Америка (ФОТО+ВИДЕО)

26-годишниот Кико за Плусинфо сподели дека своето патување го започнал во главниот град на Колумбија, Богота, при што почнал да се движи кон југот, како и дека има во план оваа авантура да ја заврши во јули во Рио, Бразил.

4,220

Штипјанецот Христијан (Кико) Митев некаде на почетокот на јануари ја започна својата шестмесечна авантура низ Јужна Америка, за што вели дека целиот свој живот чувствувал посебна конекција помеѓу него и овој континент.






26-годишниот Кико за Плусинфо сподели дека своето патување го започнал во главниот град на Колумбија, Богота, при што започнал да се движи кон југот, како и дека има во план оваа авантура да ја заврши во јули во Рио, Бразил.

– Низ текот на целиот мој живот чувстував посебна конекција помеѓу мене и овој континент, имав чувство како дел од мене да припаѓа таму и никогаш немаше да си простам ако не го послушав моето срце и не тргнев на ова патување – ни рече младиот штипјанец.

Тој вели дека бил импресиониран од животниот стил на тамошните жители, како тие го слават животот, нивниот начин на изразување на емоциите, улогата на музиката во нивниот живот и умешноста да се радуваат во ситните работи.



Преку пустини и врвови низ цел континент

Агендата на Кико е богата и динамична. Тој откако пристигнал во Латинска Америка, поминал 17 дена во Колумбија, по што следувал Еквадор каде бил 25 дена патувајќи од најсеверната точка, па сѐ до градот Куенка на југ.

– Во моментов сум во Перу, една од најубавите земји на овој континент која ќе ве освои со својата гастрономија, планинските врвови од по 6.000 метри, забавата на брегот на Пацификот и се разбира спиритуалноста и мудроста на амазонските племиња. За една неделна преку езерото Титикака ќе влезам на територијата на Боливија и тука треба да ги посетам Ла Паз, Салар де Ујуни и „Патот на смртта“ и најверојатно во оваа земја ќе останам околу 20 дена – сподели Кико.

Потоа, како што вели Кико за Плусинфо, следи неверојатно возбудливот Чиле, а ќе започне од пустината Атакама и преку Валпараисо и за еден месец ќе дојде во Сантијаго од каде со авион ќе оди за Буенос Аирес, при што ќе го започне своето истражување на еден од најубавите делови на Латинска Америка. Неговиот план е патувањето низ овој дел од континент да биде поразлично и веројатно ќе кампува каде што ќе може и ќе стопира со цел да дојде до одредени места. По 20 дена во Патагонија, младиот Штипјанец ќе ги посети Росарио, Санта Фе и водопадите Игуасу на границата со Бразил, по што ќе следи неговата последна дестинација Рио.

Земјите во Јужна Америка ги бие глас дека се меѓу најопасните, за што бил предупреден и советуван од неговите најблиски многу да внимава, но кога пристигнал го пречекала многу поразлична слика.

– Запознав многу добри луѓе кои ќе ги паметам до крајот на животот. Неколку пати бев повикан на ручек во домовите на луѓе и покрај тоа што не ги познавав. Во Кали (Колумбија) поминав една ноќ со бездомници кои ги запознав случајно на улица, по што ме викнаа на нивната прослава за првиот нивен дом. Од убавите моменти можам да ја издвојам средбата со актерот Кирил Поп Христов кој ме угости во неговиот дом. Правевме скара, зборувавме за многу работи, ми ги покажа најубавите места во околината и поминавме убави моменти – вели Кико.

Во Јужна Америка ретко кој чул за Македонија

Во досегашното патување сепак се случил и еден лош момент, кога пристигнал во Ипиалес (Колумбија), кога се качил во такси возило без лиценца. Возачот го однел во еден затемнет дел од градот, при што почуствувал дека тој сака да го ограби, но за среќа на Кико, го излажал таксистот дека е полицаец од Мароко и човекот се исплашил и за многу кратко време го однел до границата со Еквадор.

Гостопримиливоста на овие народи најмногу може да се почувствува во помалите средини, каде што локалците чудно го гледаат, но со задоволство му нудат помош, а пак во големите градови сликата е многу поразлична. Кико на најдобар можен начин ја претставува нашата држава во овој дел од светот иако вели дека, за жал, дури 90 проценти од луѓето не знаат каде се наоѓаме, дали сме држава или град.

– Се трудам да го променам тоа. Во Куенка анкетирав 50 лица и ги запознав со Македонија, се сликаа со нашето знаме и имавме часови по географија, така што по 10 минути сите дознаа каде се наоѓаме и како се вика главниот град – вели задоволниот Кико.

Според нашите претпоставки, ваквото патување чини многу пари, барем за наши стандарди, па го прашавме Кико, како успеал да дојде до пари да ја реализира својата авантура.

– Моето патување го финансирам благодарение на напорната работа низ Европа во изминативме неколку години. Во последните две години работев по 12 часа на ден, шест дена во неделата, а имаше и моменти кога работев и по три работи, но имав сон пред себе и цел која сакав да ја постигнам, а тоа ми даваше сила и ме движеше напред. Кога пристигнав тука видов дека има одлични можности за волонтирање во хостели, фарми или како наставник по Англиски, при што добивам одреден надомест за тоа – ни рече младиот авантурист.

Има видео записи за многу документарци

Целта на ова патување, според зборовите на Кико, е да го запознае нашиот народ со друг начин на живот, со друга култура и сите оние кои немаат можност да патуваат да дознаат како живеат другите. Па поради тоа пред да тргне на ова патување тој купил камера и додека патува пишува сценарио за документарни филмови за местата кои ги посетува.

– Се надевам дека некоја од нашите национални телевизии ќе има интерес за овие видео-записи. Имам да им понудам едукативни содржини, повеќе од 100 интервјуа со обични луѓе, туристички водичи, готвачи, анкети во училишта и многу други работи – вели амбициозниот штипјанец.

Покрај посетата на Јужна Америка и Европа, тој минатата година бил во Африка, додека неговиот следен предизвик е Централна Америка (Панама, Хондурас, Костарика, Гватемала и Пуерто Рико), секако доколку успее да обезбеди финансии.

– Потребна ми е поддршка и тоа не само финансиска, би сакал да имам и камерман и постпродукција и заедно како тим да создадеме професионални документарни филмови. Ваквите патувања се многу популарни во светот, а дури и кај нашите соседи, но за жал никој досега во Македонија не покажа интерес да направиме нешто големо. Кај нас има голем интерес за ваквите предизвици и патувања, а тоа можев да го забележам на видеата и фотографиите кои ги објавувам на мојот профил на Фејсбук – вели Кико.

Кој е неговиот совет за младите?

– Следете го своето срце, слушајте го внатрешниот глас кој секогаш знае што е најдобро за вас. Вашите соништа може да ве одведат до најлудите места, да ги следите соништата и никогаш да не се откажувате. Патувајте и запознајте се себеси подобро, поместете ги вашите граници и ќе запознаете нова личност, посилна, похрабра и посреќна. Преку патувањето ќе ги дознаете вистинските вредности во животот, ќе разберете дека парите фрлени по гардербота, автомобили, најнова технологија се залудно потрошени. Направете си услуга денес, инвестирајте во себе, во нови знаења, искуства и патувања – порача Кико.

Авантурата на 26-годишниот штипјанец продолжува и во следните неколку месеци, како што рече тој до јули, кога треба да го заврши патувањето во Рио, а неговите искуства и доживувања можете да ги следите на социјалните мрежи каде што ги споделува убавите моменти и искуства.

Поврзани содржини