2 МОСТА, 2 ПОТПАТНИКА, 1 КЛУЧКА… Наѕираат првите 20 километри од автопатот Прилеп-Битола

Експропријацијата се реализира забрзано. Од вкупно 1.263 предмети, досега решени се 1.204, а во постапка се уште 59 предмети.

218

Изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со силна динамика, сите предизвици што се појавуваат на трасата се надминуваат со добра координација на институциите и на изведувачот и очекуваме оваа автопатска делница да биде завршена во почетокот од 2028 година, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски изврши увид во градежните работи.

Интензивно се работи на 22 км пробиена траса од вкупно 40 км или на 55 % од вкупно предвидената траса.

Изградбата се реализира согласно динамичкиот план, покрај земјените работи на трасата се работи на 2 моста, 2 потпатника, 1 натпатник и 1 клучка. Од увидот беше потенцирано дека во завршна фаза се работите на потпатникот кај населеното место Алинци, потпатникот под регионалниот пат R1101 и натпатникот кај село Ново Лагово. Забрзани градежни активности има и кај населените места Тополчани и Вашарејца.

Во овој момент според диманичкиот план и оперативните потреби на терен се работи со повеќе од 75 машини и механизација. Експропријацијата се реализира забрзано. Од вкупно 1.263 предмети, досега решени се 1.204, а во постапка се уште 59 предмети.

Вицепремиерот Николоски при увидот потенцира дека навременото завршување на автопатот Прилеп-Битола ќе значи забрзан развој на Пелагонскиот регион, можност за нови инвестиции, развој на локалните бизниси и повеќе работни места. Овој автопат има силно влијание врз севкупниот развој на Пелагонија и затоа е многу важно да биде изграден на време и согласно сите стандарди.

Автопатот Прилеп-Битола е дел од Кородорот 10д, паневропски коридор што ѝ дава посебно економско и геополитичко значење на Македонија.

Поврзани содржини