🎥 15 МИНУТИ СТОЕЧКИ ОВАЦИИ ЗА ЏОН МАЛКОВИЧ НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ВЕНЕЦИЈА Актерот се бореше да ги задржи солзите, а на филмот веќе му предвидуваат блескава иднина

Џон Малкович едвај ги задржа солзите по премиерата на филмот „Wild Horse Nine“ во Венеција, каде што заедно со Сем Роквел добија речиси 15 минути овации од публиката.

0

Џон Малкович не можеше да ги сокрие емоциите во Венеција. По светската премиера на новиот филм „Wild Horse Nine“ на Мартин Мекдона, публиката го награди актерот и целиот филм со овации кои траеja повеќе од 13 минути. Малкович во еден момент изгледа како да се бори со солзите, додека аплаузите не престануваa.

Филмот, во кој Малкович игра заедно со Сем Роквел, Стив Бушеми и Паркер Поузи, имаше премиера на 3 септември на 83. Венециски филмски фестивал. Според Variety, приемот бил толку силен што „Wild Horse Nine“ веднаш започнал да се споменува како еден од потенцијалните кандидати во сезоната на награди, вклучувајќи ја и трката за Оскар.






Особено внимание привлече Малкович, кој за време на долгите овации е видно емотивен.

„Wild Horse Nine“ е црна комедија напишана и режирана од Мартин Мекдона, познат по филмовите „In Bruges“, „Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“ и „The Banshees of Inisherin“. Приказната е сместена непосредно пред воениот удар во Чиле во 1973 година. Малкович и Роквел ги играат агентите на ЦИА Крис и Ли, кои од Сантијаго се испратени на Велигденскиот Остров, познат и по домородното име Рапа Нуи.

Таму, меѓу познатите камени статуи на островот, двајцата агенти се соочуваат со своето минато, личните тајни и последиците од работата што ја извршувале. Крис, кој го игра Малкович, започнува да се зближува со две бунтовни студентки, а нивниот престој на островот постепено излегува од контрола. Ројтерс оценува дека филмот, иако е исполнет со црн хумор, истовремено се занимава со вина, разочарување и моралните последици од американската интервенција во Чиле.

Реакциите по премиерата беа исклучително позитивни, иако не сите критичари сметаат дека филмот е на нивото на најдобрите дела на Мекдона. Гардијан го пофали односот меѓу ликовите на Малкович и Роквел, како и нивната хемија и дијалозите, опишувајќи го филмот како мрачна комедија со силни моменти, но и со одредени слабости.

Сепак, токму приемот во Венеција ја промени атмосферата околу филмот. Холивуд Репортер го нарече првиот навистина бурен прием на фестивалот годинава, додека некои медиуми веќе го вбројуваат меѓу потенцијалните кандидати за награди.

Малкович на прес-конференцијата во Венеција зборуваше и за својата кариера и јасно стави до знаење дека нема намера да се пензионира. Тој го минимизираше зборувањето за награди и потенцираше дека најважни му се филмот и екипата, но приемот што го доби „Wild Horse Nine“ веќе го постави како еден од насловите за кои најмногу ќе се зборува во продолжението на фестивалот.

„Wild Horse Nine“ во кината треба да пристигне на 6 ноември 2026 година.

 

Поврзани содржини