ЗМИИ И ГУШТЕРИ СКРИЕНИ ВО ШИШИЊА ЗА ШАМПОН И ЧОРАПИ Цариниците во Германија откриле шверц на 92 животни
Цариниците на аеродромот Келн-Бон откриле 37 отровни змии и 55 гуштери во багажот на 45-годишен патник од Мексико. Дел од животните угинале за време на патувањето, а мажот бил вратен во Истанбул.
На аеродромот Келн-Бон во Германија бил запрен маж кој се обидел да прошверцува повеќе од 90 гуштери и отровни змии. Цариниците забележале дека 45-годишниот Мексиканец бил „невообичаено нервозен“ додека се обидувал да помине низ зелениот излез, наменет за патници кои немаат ништо за пријавување.
Цариниците направиле тест за присуство на дрога, кој бил позитивен на кокаин, а потоа го провериле неговиот куфер. Иако не пронашле дрога, во багажот откриле шарки, ѕвечарки и други видови змии и гуштери, меѓу кои и игуани. Животните биле скриени во шишиња за шампон и креми, разни пластични садови и завиткани во чорапи.
– Моите колеги на аеродромот се навикнати на секакви работи кога станува збор за сувенири во куферите, но досега никогаш не сме имале 37 живи отровни змии и 55 гуштери од Мексико – изјави Јенс Аланд, портпарол на царинската служба во Келн.
Тој додаде дека дел од животните биле чувани во нехумани услови, поради што многу од нив угинале за време на патувањето од Mексико Сити, преку Истанбул.
Мажот, чие име не е објавено, им рекол на службениците дека ги донел животните како услуга за познаник од Бразил. Му бил забранет влез во Германија и веднаш бил вратен со авион во Истанбул.
– Минатата година на ниво на целата земја регистриравме повеќе од 1.300 заплени, кои се однесуваа на повеќе од 56.600 заштитени животни и растенија, односно производи изработени од нив – изјави портпаролот на царинската служба.
Пред шест години, цариниците на аеродромот Келн-Бон откриле 26 ретки влекачи, од кои десет угинале за време на транспортот. Животните биле прошверцувани од Мексико, скриени во пакети со играчки и слатки, а биле наменети за приватни купувачи во Германија.