ЗАСЕГА НЕМА ДОГОВОР ЗА МИНИМАЛНА ПЛАТА После петок, можен е и штрајк

488

Барањето за зголемување на минималната плата на 18.000 денари денеска се разгледуваше на седница на Економско-социјалниот совет, но, ниту по неколкучасовна расправа Владата, синдикатите и работодавачите не постигнаа договор. Консензус, посочија, има единствено дека минималната плата треба да се зголеми, но, не и за колку или на каков начин да се дојде до тоа.

За претседателот на ССМ Дарко Димовски, предлогот што го дале работодавачите на крајот од денешната седница е само обид да купат време.






– Се преговараше три саати и кога преовладаа аргументите на страната на ССМ и на останатите синдикати работодавачите во 5 до 12 излегоа со свој предлог. Аргументите беа на наша страна ја убедивме Владата како социјален партнер дека минимална плата навистина треба да биде 60 проценти од просечната плата, но, Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) само сака да купи време до петок со измислено предлог решение – вели Димовски.

Тој е дециден дека доколку не се дојде до решение, останува штрајкот како следен чекор на синдикатите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, тврди дека имало конструктивен дијалог како можеби никогаш невиден на нашите простори.

– Имаме консензус дека минималната плата ќе се зголеми. Дијалогот ќе продолжи во петок, после 16 часот. И ги уверувам сите граѓани коишто се во категоријата на приматели на минимална плата, дека наскоро ќе има консензус околу нивните покачени минимални плати. Но, кажавме, дека единствениот начин како да се стигне до достоинствена плата за нашите работници е креирање систем што е долгорочен, што нема да ги остави на волјата на една Влада, кога таа ќе сака или ќе има слух или на различните страни како што се синдикатите или организациите на работодавачи – рече

За тоа зошто денеска не е постигнат договор и зошто се остави одлука да биде донесена во петок, вицепремиерот истакна оти станува збор за трипартитен дијалог помеѓу синдикати, организации на работодавачи и Влада и оти во секој дијалог ако се сака да се дојде до решение мора да се почне од некаде и да се стигне до одредено решение.

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска појасни дека предложиле критериумите по однос на одредување на минималната плата да претрпат измени.

– Очекуваме предлог и од Владата дали ќе бидат прифатени нашите идеи. Имавме некоку идеи, истите дали ќе бидат прифатени или не. Синдикатот имаше нивни идеи. Очекуваме компромис помеѓу сите три чинители – рече таа додавајќи дека решението треба да е соодветно на сегашната состојба во економијата. 

 

Поврзани содржини