50 БОИНГ АВИОНИ ЗА КИНА, ПОМАЛКУ ТРГОВСКИ ПРЕЧКИ ЗА МИНЕРАЛИТЕ Пекинг ги исполнува обврските кон Вашингтон
Одлуката за галиумот, германиумот и антимонот доаѓа неколку дена пред истекот на рокот на договорот со Вашингтон. Во меѓувреме, „China Southern Airlines“ договори најголема нарачка на „Боинг“ од кинеска компанија од 2017 година.
Кина ја продолжи суспензијата на извозните ограничувања за одредени критични минерали наменети за американскиот пазар, меѓу кои се галиумот, германиумот и антимонот. Истовремено, кинеска авиокомпанија договори купување на 50 авиони Боинг 737-8, во потег што се оценува како дел од исполнувањето на обврските преземени во рамките на трговското примирје меѓу Пекинг и Вашингтон.
Одлуките доаѓаат само неколку дена пред истекот на рокот за примена на трговскиот договор меѓу двете најголеми светски економии и ја потврдуваат подготвеноста на Кина засега да се придржува до постигнатото примирје.
Како што пренесува Блумберг, продолжувањето на суспензијата се однесува на извозните ограничувања за критични минерали што имаат широка примена во индустријата, вклучително и во производството на полупроводници и воената опрема.
Одлуката доаѓа во чувствителен момент за трговските односи меѓу двете земји. САД овој месец воведоа нови правила со кои се ограничува пристапот на Кина до напредни полупроводници, што повторно ги засили тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг.
Продолжувањето на суспензијата на извозните ограничувања затоа претставува важен тест за одржливоста на договореното примирје и за подготвеноста на двете страни да ги исполнуваат преземените обврски.
Набргу по објавувањето на одлуката за минералите, подружница на кинеската авиокомпанија „China Southern Airlines“ договорила купување на 50 авиони Боинг 737-8.
Станува збор за најголемата нарачка на кинеска авиокомпанија од американскиот производител на авиони од 2017 година.
Набавката е дел од исполнувањето на обврските преземени на мајскиот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џјинпинг.
Со продолжувањето на суспензијата за минералите и големата нарачка на американски авиони, Пекинг испраќа сигнал дека засега има намера да го одржи трговскиот договор, и покрај новите несогласувања околу технологијата и пристапот до напредни полупроводници.