ЗАГИНАА ТАТКО И СИН ВО СТРАВИЧЕН ПОЖАР БЛИЗУ СОЛУН Евакуирано село со 4.000 жители
Пламенот брзо се проширил кон селото Лити и блиската борова шума, додека силниот ветер дополнително ја отежнал борбата на пожарникарите.
Шумски пожар кој брзо се прошири во близина на Солун однесе два човечки живота, соопштија локалните власти во северна Грција. Според првичните информации, во стихијата настрадале татко и син, додека мајката со повреди е итно пренесена во болница.
Според властите, загинал 66-годишен маж, а во семејната куќа подоцна било пронајдено уште едно тело, за кое се верува дека е неговиот 12-годишен син.
Пожарот избувнал во вторникот околу пладне во ниска вегетација кај Дервени, во општината Ореокастро, северозападно од Солун. Пламенот брзо се проширил кон селото Лити и блиската борова шума, додека силниот ветер дополнително ја отежнал борбата на пожарникарите.
Грчките служби издале наредба за итна евакуација на селото Лити, кое брои околу 4.000 жители, а населението било префрлено на безбедно, кон локалниот спортски терен.
Пожарникарите најпрво го пронашле 66-годишниот маж во дворот на неговата куќа, која се наоѓала на работ од шумскиот предел во близина на Лити. Неговата сопруга, мајка на исчезнатото дете, била повредена и пренесена во болница во Солун со повреди главно на рацете и не е во животна опасност. Подоцна властите го пронашле и второто тело во семејниот дом, а идентификацијата е во тек.