ВО ГРЦИЈА ЛЕТОВО РЕГИСТРИРАНИ 110 ЗАБОЛЕНИ СО ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА Починале 9 лица, сите биле над 80 години

0

Во изминатата седмица во Грција биле регистрирани 45 нови случаи на вирусот Западен Нил, со што бројот на заразени од почетокот на летото се зголеми на 110, а регистрирани се и три нови смртни случаи, според податоците од неделниот извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Од ЕОДИ соопштија дека заклучно со вчера претпладне, од вкупно 110 заразени, 81 пациент е со симптоми на централниот нервен систем (енцефалитис и/или менингитис и/или акутна парализа), додека кај 29 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.






Од почетокот на летото починале девет лица заразени со вирусот на Западен Нил, сите на возраст од над 65 години, со просечна возраст од 82 години.

Од заразените, 35 се хоспитализирани, 61 пациент бил пуштен од болница, а за петмина заразени не била потребна хоспитализација.

– Вреди да се напомене дека според резултатите од епидемиолошкото истражување спроведено во 2010 година, на секој еден случај на инфекција со вирусот Западен Нил со зафатеност на централниот нервен систем соодветствуваат околу 140 лица инфицирани со вирусот (со благи симптоми или без симптоми) – посочија од ЕОДИ.

Доколку се анализираат официјалните податоци, повеќето од случаите (вкупно 77) се регистрираните во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите 29 се во регионот Тесалија, во северна Грција и на Пелопонез, додека пак пет случаи се во фаза на епидемиолошко истражување.

Поради порастот на случаи на Западен Нил во Атика, од периферијата вчера соопштија дека за 30 отсто ќе ги зголемат насочените активности против комарците, додавајќи нови прскања од копно и воздух.

Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистрирани на почетокот на јули.

Вирусот Западен Нил, што го пренесуваат комарците, присутен е во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.

Најголем број случаи на Западен Нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето, највисок бил и бројот на починати лица вкупно 51.

Лани, во Грција беа регистрирани 96 случаи, а од Западен Нил починаа девет лица.

Поврзани содржини