ВМРО-ДПМНЕ И МИЦКОСКИ СО НАЈВИСОКА ПОДДРШКА Анкета покажува голема разлика во однос на СДСМ и Филипче
Анкетата на „Маркет вижн“, спроведена во септември на 1.200 испитаници, покажува дека ВМРО-ДПМНЕ има поддршка од 19,3 отсто, а СДСМ од 5,6 отсто. Кај лидерите, Христијан Мицкоски има доверба од 20,4 отсто, а Венко Филипче од 3,8 отсто.
Големи се разликите во рејтинзите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ и на нивните лидери Христијан Мицкоски и Венко Филипче, покажува последната анкета на МКД.мк, спроведена од агенцијата Маркет вижн во периодот од 11 – 27 септември на примерок од 1.200 испитаници.
На прашањето „за која политичка партија ќе гласате на наредните избори, 19,3 отсто одговориле дека ќе гласат за ВМРО-ДПМНЕ, 5,6 отсто за СДСМ, а рејтинзите на ДУИ и на Влен се изедначени – 4,2%.

Меѓу испитаниците кои се определени за одредена политичка партија, за Левица би гласале 4 отсто од испитаниците, за ЗНАМ 1 отсто.
И кај лидерите, довербата за Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, (20,4%) е во голема предност пред довербата во Венко Филипче, претседателот на СДСМ (3,8%).

Дури 44,1% од испитаниците немаат доверба во ниту еден лидер на политичка партија, а 12,5% не сакаат да одговорат на ова прашање.
Довербата за Али Ахмети е 3,7%, за Димитар Апасиев – 3,4%, за Изет Меџити – 2,6%. Лидерите на новата политичка партија Влен, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, се во предност во однос на лидерот на опозициската ДУИ.
И анкетата спроведена во јуни покажа убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски пред опозициската СДСМ.
Анкетата е спроведена со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност согласно податоците за резидентното население од пописот 2021 година.