ВЛАДАТА ИСТРАЖУВА КАДЕ ЗАТАИЛ СИСТЕМОТ КАЈ ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА Неделава ќе реферираат дистрибутерите и производителите
Ќе се анализира фактура по фактура за околу 700 производи.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека оваа недела ќе се одржи состанок со добавувачите и производителите на која ќе се разговара за обезбедување пониски цени на основните прехранбени производи – дефинирана цел на минатонеделната средба со трговците.
Дурмиши рече не може да каже конкретен датум кога ќе биде готов извештајот од контролите на Пазарниот инспекторат со кои треба да се утврди што влијаело на зголемувањето на цените во изминатиот период, но поради обемот на работата претпоставува дека тоа би се случило за околу еден месец.
Притоа, рече, ќе се анализира фактура по фактура, секоја цена на 74 групи со 600 до 700 основни прехранбени производи кои се дел од потрошувачката кошничка.
– Ќе се врши детална контрола на 600 до 700 основни прехранбени производи, од набавната цена на производителот до продажната цена на трговецот и ќе најдеме точно кои се индикаторите од кои произлегува таа цена, кај имаме поголемо зголемување и да видиме точно зошто се случува тоа – рече Дурмиши.
Анализата, додаде тој, ќе покаже каде треба да се реагира. Врз основа на деталната анализа, како што појасни, надлежните институции ќе знаат каде и како треба да реагираат доколку има поголема маржа.
– Минатиот пат кога донесовме ограничување на маржите во временските периоди кога имавме празници, трговците знаејќи точно кои производи се трошат повеќе, ја зголемуваа бруто-профитната маржа, до 20, до 30 проценти. И сега се гледа истото, бруто-профитната маржа, каде административно може да интервенираме. И гледаме дека таму бруто-профитната маржа е од 5 до 10 проценти, не е зголемена. Тоа подразбира дека нема енормно зголемување на цените без економска оправданост. Но, пак ќе направиме детална анализа од производителот, продажната цена, добавувачот, до дистрибутерот и до трговецот на крај. Значи, ќе направиме детална анализа, ќе гледаме каде треба да ургираме или со кој треба да се сретнеме и да ажеме ако случајно има поголема маржа од 10 или 15 проценти – рече Дурмиши.