ВКРСТЕНИ ПРАШАЊА НА МИЈАЛКОВ Алек Теранова нема докази кој му нарачал да купува за Груевски
Како сведок, Ивановски претходно пред судот изјави дека по замолница на неговиот добар пријател Мијалков, тој барал да купи два стана и плац на Водно за „негов пријател“, за кој подоцна сфатил дека е Никола Груевски.
Сашо Мијалков го испрашуваше денеска сведокот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, во случајот „Плацови на Водно“ откако тој сведочеше дека Мијалков барал од него помош за да купат станови и имот за неговиот братучед Никола Груевски.
Мијалков го праша Ивановски дали има каков било материјален доказ дека токму тој му се јавил и побарал од него да се потпише како основач на фирмата „Сирах“ во Скопје, ќерка на истоимената офшор фирма од Белизе.
– Каков доказ сакаш? По телефон беше, немам материјален доказ, нормално. За тоа требало да сум ги снимал сите наши разговори, нели? – рече сведокот Ивановски.
Тој исто така одговори дека нема доказ дека Мијалков му се јавил и му кажал да отиде во општина Центар за да види дали плацот на Водно е во ДУП-от и во ГУП-от.
– Да, сум контактирал со Груевски и како градежник, во три наврати за зградата на Телеком во 2010 и уште на две средби за фасадата на хотелот „Мериот“. Друго средби не сум имал. Но, Груевски за плацот на Водно никогаш не ми се јавил, ниту некогаш сме се сретнале за плацевите – рече Ивановски.
Како сведок, Ивановски претходно пред судот изјави дека по замолница на неговиот добар пријател Мијалков, тој барал да купи два стана и плац на Водно за „негов пријател“, за кој подоцна сфатил дека е Никола Груевски.