„ВИДОВМЕ МАЛА ГРУПА НА ПУЧИСТИ, ЛУЃЕ ОД ЗНАМ И ЛЕВИЦА“ Филипче жестоко по Платформата за промени во СДСМ

Лидерот на СДСМ ја обвини Платформата за промени дека со вчерашниот настан го пренасочува вниманието од критиките кон Владата и порача дека е подготвен за дијалог со секој што има искрени намери.

0

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција го оцени вчерашниот настан на Платформата за промени во СДСМ како обид за дефокусирање на јавноста од владините политики и порача дека партијата останува единствениот опозициски бастион во државата.

Според Филипче, настанот претставува здружување на лица кои дејствуваат во интерес на власта со цел да се фрагментира опозицијата во период кога, како што рече, раководството отвора клучни општествени и економски прашања. Поранешните партиски функционери на СДСМ, вели, ги потцениле членовите на партијата и дека нивните постапки се дел од подолг процес насочен против социјалдемократите.






– Вчера видовме на едно место мала група на пучисти, поранешни функционери на СДСМ, но и членови на други партии, на ЛДП, луѓе вработени од ЗНАМ, и, внимавајте, на Левица, партијата којашто има целосно спротивни вредносни политики од нашите, партијата којашто отворено застапува руски и кинески интереси тука кај нас и е финансирана од Русија и од Кина…Вчера се докажа дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е единствениот опозициски бастион во земјата. СДСМ вчера се покажа и се докажа дека е единствената партија којашто може да биде и е носител на опозициското движење и да ја канализира целата опозициска енергија во земјата. Жалам што тие поранешни партиски наши функционери, партиски другари, ги потценија членовите на СДСМ – рече претседателот на СДСМ.

Филипче наведе дека нивната цел е јавноста да не го насочува вниманието кон темите за рудниците, задолжувањата, земјоделството, платите, пензиите и меѓународните претставувања.

– Зошто не зборуваат или не го одземаат вниманието од тоа така силно и аргументирано, опозициски да ја критикуваме власта, за лошите политики коишто ги води, зошто не зборуваат за дата-центрите, за намерата на Христијан Мицкоски и на неговата банда да ја земат водата од земјоделците, зошто не зборуваат за петте нови рудници коишто за првпат се впишуваат во просторниот план, план изготвен од Министерството за животна средина? Ќе се копа антимон за туѓи интереси. Антимон којшто ќе влезе и во земјата и во водата и ќе ги загади и земјата и водата, и ќе го загрози здравјето на луѓето коишто живеат во тие региони. Пет нови рудници, тие против коишто ние се боревме – нагласи Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање за поддршката од пратеничката група и позицијата на пратеничката Славјанка Петровска, Филипче истакна дека пратеничката група функционира сложно.

– Пратеничката група не само што дава поддршка, туку имаме секојдневни координации. Заеднички градиме политики, даваме предлози. Минатата недела работевме интензивно и се спремавме за состаноците и со францускиот Сенат, и со Мешовитиот парламентарен комитет. Понесовме закони за минимална плата, за финансиска поддршка на земјоделците. Славјанка Петровска ја слушав вчера, многу е принципиелна. Треба да каже дали, според нејзините принципи, сега сите луѓе коишто смета дека седат околу неа и не работат добро во Парламентот, тоа е пратеничката група, или се криминалци, таа само така ќе продолжи да седи со нив – рече Филипче.

Прашан во врска со законските измени на Кривичниот законик донесени во 2023 година, претседателот на СДСМ посочи дека тогаш не бил дел од партиското раководство.

– Јас тогаш ниту се занимавав со политика, ниту бев дел од раководството. Прашајте ги тие што го изгласаа. Дел од луѓето коишто седеа вчера на таа маса, овие тројца што ги споменав, седеа таму. Прашајте ги нив и дали тогаш можеби не биле дел од некој пазар, како што сега тоа го прават. Ние ја зачувавме партијата од 2025 година. Како беше тргната работата, можевме да останеме без организација и структура – посочи Филипче.

На прашање дали е можно помирување со актуелната пратеничка од редовите на СДСМ Славјанка Петровска и каква ќе биде соработката во иднина, Филипче порача дека е подготвен за дијалог со секој што има искрени намери.

– Таа има некои нејзини принципи. Нека одлучи според нејзината принципиелност. Јас добро знам дека Славјанка Петровска има принципи, ама ако не одговараат, има и други, резервни. Така да, нека се одлучи сама. Јас сум спремен да разговарам, да дебатирам со било којшто има добра намера. Што ќе ни предложат, а што не знаеме ние сега? Што е намерата на таа група, на сите сателити на Христијан Мицкоски седнати на едно место, тогаш кога ги отвораме најголемите скандали на Владата – заклучи претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција.

Поврзани содржини