ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА СОЗДАВА ДИГИТАЛЕН ПРИРОДО-НАУЧЕН МУЗЕЈ Ќе има 70 милиони примероци од животни, растенија, фосили и карпи
Скенирањето на примероците - процес што вклучува нивно фотографирање и запишување податоци од рачно напишани етикети што некогаш се стари со векови, би одзело стотици години доколку се врши рачно.
Истражувачи од Обединетото Кралство користат вештачка интелигенција (ВИ) и роботи за да создадат дигитален музеј што содржи околу 70 милиони примероци од животни, растенија, фосили и карпи од збирки низ целата земја. Проектот, познат како „Дистрибуиран систем на научни збирки (ДИССКО УК / DiSSCo UK), има за цел да им овозможи на јавноста и на истражувачите пристап – преку телефон и компјутер, до збирки коишто претходно беа достапни само во ограничена мера, пренесува „Би-би-си“ (BBC).
Скенирањето на примероците – процес што вклучува нивно фотографирање и запишување податоци од рачно напишани етикети што некогаш се стари со векови, би одзело стотици години доколку се врши рачно; сепак, со помош на роботи и ВИ, задачата би можела да се заврши за околу 10 гоидини, наведуваат истражувачите. Во проектот се вклучени околу 100 музеи, ботанички градини, универзитети и други установи. Во почетната фаза ќе се дигитализираат збирки на инсекти и растенија во Велс и Шкотска, вклучувајќи околу половина милион примероци во Кардиф и 13 милиони примероци што заеднички ги поседуваат Кралската ботаничка градина во Единбург и Националните музеи на Шкотска.
Истражувачите истакнуваат дека обединувањето на милиони примероци ќе овозможи подобро проучување на промените во природниот свет низ историјата, вклучувајќи го влијанието на индустриската револуција и климатските промени – како и попрецизни предвидувања во врска со идните промени и губењето на видовите. Винсент Смит од Природонаучниот музеј во Лондон изјави дека збирките што документираат долги периоди на промени, ќе им овозможат на научниците да ги проучуваат минатите настани и да почнат да предвидуваат што би можело да се случи во иднина.
Според истражувачите, процесот на дигитализација ќе опфати и фосили и карпи, што потенцијално ќе помогне во истражувањето на минералите потребни за развој на зелените технологии.