ЕКО-АКТИВИСТИ ИЛИ АНАРХИСТИ?! Борците против рудници во мафијашки стил се ставија над државата

Закани, притисок и насилство демонстрираат дел од еко-активистите кои се незадоволни што државата не постапила онака како што тие сакаат во рокот кој тие го одредиле - да ги одземе од инвеститорот концесиите за проектот за бакар во Иловица до 29 септември.

0

Не запираат двосмислените пораки кои ги испраќаат т.н. еко-активисти, во кои се насетува и доза на закана. Веќе одамна е познато дека тие целат да нема развој на рударската индустрија во Македонија, нарекувајќи ги проектите „рудници на смртта“. Последно, дел од овие активисти се незадоволни што државата не постапила онака како што тие сакаат во рокот кој тие го одредиле – односно државата да ги одземе од инвеститорот концесиите за проектот за бакар во Иловица до 29 септември. Во објава на социјалните мрежи, во која се споменува и премиерот Христијан Мицкоски, активистот Крум Велков истакна дека е гневен, најавувајќи дека ќе следува неговиот одговор.

„Пријатели, гневот во мене е толкав и таков што најдобро е да го применам последниот и единствен совет што на Георги Иванович Гурџиев му го дал татко му пред умирање. (Тие последни пораки се есенција на човечкото стекнато искуство). Не му оставил ништо материјално, немал, но непосредно пред да умре, го повикал и му го рекол следново: „Имам само еден совет за тебе. Ако некој во тебе предизвика гнев, повлечи се 24 часа. Откако ќе изминат, тоа што ќе го чувствуваш и мислиш – тоа е тоа. Со тоа, појди кај него“. Едно е сигурно: рокот истече“, напиша Велков.






Претходно за Велков истражувачката мрежа Белингкет пишуваше дека станува збор за активист кој е против проектот во Иловица и дава поддршка на невладината организација „Здрава котлина“, а со цел запирање на западните инвестиции во земјава.

Изминатиов период активна против отворањето на рудници е и Марина Томова од „Чејнџмејкерс“, која го критикуваше и проектот за ископ на антимон во Крива Паланка. Таа последно, во интервју за медиумот „Револуционер“, дури ги повика граѓаните да си „ја преземат сопственоста врз своите улици“.

„Не стојте настрана чекајќи градоначалник, министер или локален партиски шеф да ви даде дозвола да се грижите за вашата околина. Наједноставната навика што би ја променила Македонија преку ноќ, без финансиски трошоци, е граѓаните да сфатат дека оваа земја им припаѓа ним – и да почнат веднаш, активно да преземаат сопственост врз своите улици, реки и планини“, истакна Томова во интервју за „Револуционер“.

Пред само два месеца Горан Станишљевиќ од организацијата „Здрава котлина“ напиша објава насловена „Кратка рударска приказна“. Во неговиот фејсбук статус можеше да се забележи фотографија од пиштол, а во текстот напишал „замислете некој да земе стар пиштол Парабелум, кој има шаржер со осум куршуми долга деветка, и да ги испука во вас“.

„Замислете сега тоа да го направи со модерен пиштол Берета, кој има шаржер со петнаесет куршуми од истата муниција, да монтира на него придушувач и да испука единаесет куршуми во воздух, а останатите во вас. Бучавата ќе биде намалена за цели 95%. Оловото ќе биде намалено за значителни 50%. Вие сепак ќе умрете поради преголема количина олово во вашето тело“, нагласи Станишљевиќ.

Во колумна насловена „Насилнички екоактивизам“ металуршкиот инженер Виктор Грозданов оцени дека веќе не станува збор за еколошка дебата, туку за притисок.

„Има луѓе кои веруваат дека рударството не е добар избор и имаат право тоа јавно да го кажат. Но, меѓу нив постојат и оние кои стануваат главни гласноговорници на активизмот и ја носат дебатата во сосема друга насока. Мојот став е дека токму нивните позиции треба да се анализираат. Кој ги финансира одредени активности? Кој ги поддржува? Какви интереси стојат зад нив? Кои се нивните аргументи и што велат научните трудови за истите прашања?“, прашува Грозданов.

Тој се осврна и на поставениот рок до 29 септември, додавајќи дека одлуките за стратешките ресурси не смеат да се носат ниту под притисок на инвеститори, ниту под притисок на активисти, ниту под притисок на политички партии, туку врз основа на закон, наука, стручни анализи и интересот на граѓаните.

„Се поставува рок. Се испраќаат пораки дека доколку не се исполнат одредени барања, ќе следи граѓански отпор. Но државата не функционира според ултиматуми. Државата има институции, закони и процедури. Затоа ми се допаѓа онаа старата народна: „Прават сметка без крчмар.“ А крчмарот во овој случај е државата“, истакнува Грозданов.

Инаку, закани и навреди активистите упатија и кон стручните лица од институциите на последната јавна расправа во Струмица за Нацртот на Просторниот план на државата во Југоисточниот плански регион, во кој се впишани геолошките наоѓалишта меѓу кои и бакарот во Иловица. „Имате среќа што малку не сме груби“, „ќе ве исфрлевме на клоци“, „да ви се мочам во стратешката цел“, гласеа дел од извикувањата.

Поврзани содржини