ТРГОВСКИОТ ДЕФИЦИТ НА ЕУ И КИНА ДНЕВНО ИЗНЕСУВА ЕДНА МИЛИЈАРДА ЕВРА Европската индустрија бара итни заштитнимерки

Индустриските здруженија од Европа бараат од Европската Унија поефикасно да ги користи постојните инструменти за заштита на трговијата и да усвои поширок пристап што би ги опфатил целите синџири на вредност, а воедно би ги избегнал негативните последици за блиските европски партнери, како што се Велика Британија, Норвешка и Швајцарија.

1

Четириесет и четири европски индустриски здруженија ги повикаа земјите-членки на ЕУ да преземат итни мерки против, како што велат, неправедните кинески трговски практики кои го загрозуваат европското производство и го зголемуваат ризикот од понатамошни загуби на работни места.

Повикот е упатен од здруженија кои претставуваат различни сектори на европската економија, вклучувајќи ја металуршката, хемиската и автомобилската индустрија, пред самитот на лидерите на ЕУ во Брисел следната недела, каде што една од темите ќе биде како да се реши растечкиот трговски дефицит на Унијата со Кина.






Според индустриските здруженија, трговскиот дефицит на ЕУ со Кина сега надминува 1 милијарда евра дневно.

Тие побараа од Европската Унија поефикасно да ги користи постојните инструменти за заштита на трговијата и да усвои поширок пристап што би ги опфатил целите синџири на вредност, а воедно би ги избегнал негативните последици за блиските европски партнери, како што се Велика Британија, Норвешка и Швајцарија.

Индустриските здруженија, исто така, веруваат дека Европската комисија треба да вработи повеќе работници за да можат жалбите од европските компании да се обработуваат побрзо.

Дополнително, беше побарано воведување на нови инструменти за справување со пазарните нарушувања кои, како што тврдат претставниците на европската индустрија, предизвикуваат државни интервенции.

На самитот, лидерите на ЕУ треба да разговараат за француско-германските предлози за проширување на инструментите за заштита на трговијата како и за резултатите од посетата на европскиот комесар за трговија Марош Шефчович на Кина.

Шефчович е во Пекинг на дводневна посета, која завршува утре, со цел да ја убеди кинеската страна да се согласи на намалување на извозот во ЕУ во еден од секторите, најверојатно хибридни возила.

Европската индустрија долго време предупредува дека зголемениот прилив на кинески стоки, за кои верува дека често се поддржуваат со државни субвенции и други форми на помош, врши притисок врз европските производители и ја загрозува нивната конкурентност.

Поврзани содржини