СВЕТСКА БАНКА ДАВА ПОДДРШКА ЗА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА ЗА ИНСТАНТ ПЛАЌАЊЕ Следниот чекор е регионално поврзување
Според Народна банка, по воведувањето на инстант плаќањата на домашниот пазар, следниот чекор ќе биде регионалното поврзување со платните системи на земјите од регионот и нивното интегрирање во поширокиот европски платежен простор.
Светската банка активно ги поддржува напорите на Народната банка за интегрирање на домашниот финансиски систем во европската платежна инфраструктура, со посебен акцент на воспоставувањето национален систем за инстант плаќања, неговото регионално поврзување со платните системи на земјите од Западен Балкан и интегрирањето со ТИПС – системот за порамнување на инстант плаќањата на Европската централна банка.
Ова, како што соопшти Народна банка, е истакнато на средбите на гувернерот Трајко Славески со заменик-претседателката на Светската банка, Антонела Басани, и со извршниот директор на Светската банка за Конституенцата во која членува нашата земја, Јуџин Ругенат.
Притоа се разгледани следните чекори за модернизација на платните системи, дигитализација на плаќањата и за натамошно усогласување на националната регулатива со европската правна рамка.
Од Народна банка велат дека во овој период, приоритет на Народната банка е воспоставувањето национална платформа за инстант плаќања, заснована врз моделот на европскиот систем ТИПС, што ќе претставува значаен исчекор во модернизацијата на домашната платежна инфраструктура.
-По воведувањето на инстант плаќањата на домашниот пазар, следниот чекор ќе биде регионалното поврзување со платните системи на земјите од регионот и нивното интегрирање во поширокиот европски платежен простор. На тој начин ќе се создадат услови за инстантно извршување и на прекуграничните плаќања, што ќе придонесе за продлабочување на економските врски со регионалниот и европскиот пазар, зголемување на ефикасноста на плаќањата и поддршка на економскиот раст – велат оттаму.
На средбите гувернерот Славески информирал дека една година по приклучувањето на нашата земја кон Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, оваа иницијатива прерасна во водечки канал за извршување и примање прекугранични плаќања во евра, носејќи конкретни и видливи придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата, но и за економијата во целина.
На средбите е потврдено и значењето на долгогодишното партнерство во спроведувањето на повеќе проекти за кои Светската банка обезбедува техничка поддршка за Народната банка. Континуираната соработка придонесува за зајакнување на механизмите за одржување на финансиската стабилност, унапредување на регулативната и супервизорската рамка, развивање и спроведување макропрудентни политики, модернизација на платните системи и подобрување на управувањето со ризиците.
Продолжувањето на ова партнерство претставува важна поддршка за натамошниот развој на финансискиот систем во нашата земја, зголемувањето на неговата отпорност и поефикасното поврзување со европската и регионалната финансиска инфраструктура.