СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ СЕ ЗГОЛЕМУВААТ НА 763 МИЛИОНИ ЕВРА Мицкоски најави и дека во август продолжува изградбата на автопатот Скопје-Блаце

Премиерот откри и дека после многу децении, македонска компанија добила проект да гради автопат, а тоа е делницата Блаце – Скопје.

34

Во овој ребаланс на Буџетот капиталните инвестиции се зголемени од 39 милијарди денари, колку што претходно беа предвидени, на цели 47 милијарди денари (763 милиони евра) и тоа се должи токму на реализација на капитални проекти во сите институции, од автопатските секции, преку програмата за финансирање на општините каде дополнително се обезбедени околу 2 милијарди денари, преку обезбедени дополнителни пари за пречистителни станици како скопската, битолската, тетовската преку Министерството животна средина. Тоа се сѐ проекти коишто се реализираат и токму тоа е причината за зголемени буџетски дефицит од 3,5% на 4,1%, бидејќи имаме за 7 милијарди денари повеќе капитални инвестиции споредено со тоа што беше претходно, објасни премиерот Христијан Мицкоски прашан во Собранието за реализацијата на капиталните инвестиции и ребалансот на Буџетот.

– Ние денеска зголемуваме буџетски дефицит не поради субвенции, не поради социјални трансфери, плати, пензии, туку поради капитални инвестиции, нешто што на времето беше невозможно, затоа што немаше капацитет, немаше проектен менаџмент. И во таа состојба ние сме обвинети дека сме го зголемиле буџетскиот дефицит. Да имаме 7 милијарди денари зголемени социјални трансфери, па да речеме безмилосно се трошат парите и заради тоа е буџетскиот дефицит. Ама не е така, и тоа во услови на криза, во услови кога два месеци имавме намалено ДДВ, кога имавме повеќе од 3 месеци намалени акцизи, во услови на најголемата енергетска криза којашто човештвото ја памети. И повторно, ние во овој ребаланс на Буџетот немаме никаков проблем да обезбедиме средства и да ги реализираме тие капитални инвестиции – рече Мицкоски.






Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, Мицкоски кажа кога ќе бидат завршени дел од нив.

-Очекувам во првиот квартал следната година да можеме сите да ја возиме делницата од Кичево до Охрид, целосно да ја возиме, целосно да биде функционална таа делница. Во првата половина следната година да можеме да ги возиме првите 10 километри од автопатот Прилеп-Битола. Напредува реализацијата на автопатот Тетово-Гостивар-Букојчани и  до крајот на годината ќе почнат градежните работи на автопатот Букојчани, поврзување со таканаречениот автопат Кичево- Охрид- рече тој.

Мицкоски откри и дека после многу децении, македонска компанија добила проект да гради автопат, а тоа е делницата Блаце – Скопје.

-Во август месец почнуваме со Блаце-Скопје. Градежната компанија „Гранит”, после не знам колку децении македонска градежна компанија добива да гради автопат во Македонија финансирано од европски заемодаватели – рече премиерот Мицкоски.

Поврзани содржини