ПОВТОРНО СО 1.000 ПАРАФИ ОД ГЛАСАЧИ ДО КАНДИДАТУРА ЗА ИЗБОРИ? Уставниот суд го укина прагот од 1% потписи од запишаните избирачи
Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, требаше да соберат потписи од 1 отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица, ако станува збор за парламентарни избори или општина, ако станува збор за локални избори.
Уставниот суд на денешната седница ги укина членовите 17 и 18 од Изборниот законик, со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.
Законските одредби, за кои на 26 февруари годинава Уставниот суд поведе постапка, значеа дека независните кандидати и листи за да се најдат на гласачко ливче, требаше да соберат потписи од 1 отсто од вкупниот број гласачи запишани во конкретната изборна единица, ако станува збор за парламентарни избори или општина, ако станува збор за локални избори.
Подносители на иницијативата се Лилјана Поповска и други, како група граѓани, преку полномошник, адвокатската канцеларија Петрушева од Скопје. Тие го оспорија прагот од 1 отсто потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за кандидати за градоначалник или советници во општините или пак за пратеници во Собранието.
Со членот 17 беше изменет членот 61 став 1 од Изборниот законик, па така ако претходно беа доволни 1.000 потписи за кандидатура, со оспорените измени подносителите на листа за кандидати за пратеници од групата избирачи добија обврска да соберат најмалку 1 отсто потписи од запишаните избирачи во изборната единица.
Во предлог-рефератот судијата известител изрази сомнеж за новите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото. Исто така постои сомнеж дека е нарушен политичкиот плурализам како темелна вредност на уставниот поредок уреден со членот 8 став 1 алинеја 5 од Уставот.
Ваквите измени беа изгласани на 7 март 2024 година и требаше да важат за локалните избори што треба да се одржат во октомври годинава.