СЛУЧАЈ НА ХАНТАВИРУСОТ ПОТВРДЕН ВО ШВАЈЦАРИЈА Патник од бродот во карантин заврши во болница во Цирих

Швајцарските власти потврдија нов случај на хантавирус поврзан со крузерот „MV Hondius“, кој со денови е закотвен кај Зелен ’Рт. Вирусот веќе однесе 3 животи додека Светската здравствена организација се обидува да ги пронајде сите контакти на патниците.

32

Нов случај на хантавирус е потврден во Швајцарија кај патник од крузерот „MV Hondius“. Се работи за бродот што со денови е во карантин кај Зелен ’Рт поради ширењето на опасната инфекција.

Досега починаа 3 патници, додека неколку лица се евакуирани и префрлени на лекување во Европа.

Светската здравствена организација потврди дека заразениот патник се јавил во болница во Цирих откако добил известување од туристичкиот оператор за епидемијата на бродот.

Пациентот е хоспитализиран и се лекува. Швајцарските власти соопштија дека пациентот и неговата сопруга го напуштиле бродот на островот Света Елена. Потоа отпатувале преку Јоханесбург и кон крајот на април се вратиле во Швајцарија.

Жената засега нема симптоми. Таа се самоизолирала како мерка на претпазливост.

Вирусолози од Женева велат дека симптомите можат да се појават од една до три недели по контактот со вирусот. Според нив, стапката на смртност кај овој тип хантавирус достигнува меѓу 30 и 50%.

Се очекува бродот „Хондиус“, со речиси 150 лица, да се закотви во шпанското пристаниште Тенерифе, на Канарските Острови, во рок од три дена, изјави шпанскиот министер за здравство, додавајќи дека оние што сè уште се на бродот не покажуваат симптоми на болеста.

Откако ќе пристигнат на Тенерифе, доколку останат здрави, сите странски државјани ќе бидат вратени во нивните земји, изјави Моника Гарсија на прес-конференција во Мадрид, пренесува Ројтерс.

Четиринаесет шпански патници ќе бидат ставени во карантин во воена болница во Мадрид, рече Гарсија. Времетраењето на карантинот ќе зависи од тоа кога потенцијално биле изложени на вирусот, додаде таа, истакнувајќи дека периодот на инкубација може да трае до 45 дена.

На 11 април почина 69-годишен Холанѓанец. Неговото тело и сопругата биле симнати од бродот на островот Света Елена. Жената подоцна се разболела и починала во Јужна Африка.

Третиот смртен случај бил регистриран на 2 мај. Починал германски државјанин.

Светската здравствена организација соопшти дека денес биле евакуирани 3 лица за кои постои сомнеж дека се заразени.

Станува збор за Британец, Холанѓанец и Германец. Тие ќе бидат префрлени во Холандија на лекување. Според туроператорот, двајца од нив биле членови на екипажот, меѓу кои и британски лекар.

„Скај њуз“ објави дека француски државјанин кој патувал во авион со заразено лице бил префрлен во болница во Дизелдорф.

Тој ќе биде тестиран и ставен под медицински надзор.

СЗО УТВРДИ ДЕКА ХАНТАВИРУСОТ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕНЕСУВА ОД ЧОВЕК НА ЧОВЕК! Шпанија му дозволи на „заразениот“ брод да се укотви на Канарските Острови

 

Поврзани содржини