📽️ СЛЕТУВА ОД НЕБОТО СО ПОРАКА „ПРЕЖИВЕАВТЕ“ Првата жена капетан на хеликоптер во Непал изведе околу 100 мисии

Капетан Прија Адхикари секојдневно слетува во областите отсечени од катастрофалните поплави и свлечишта. Понекогаш 5 или 6 хеликоптери истовремено се спуштаат кон истото место во тесната долина. Таа вели дека е неверојатно колку луѓе преживеале и дека ја чува својата насмевка токму за нив.

0

Капетан Прија Адхикари, првата жена капетан на хеликоптер во Непал, изведе околу 100 спасувачки мисии за помалку од една недела. Таа евакуираше стотици луѓе од областите погодени од поплавите и од свлечиштата.

Некои од преживеаните ги затекнувала како лежат на земјата. Едвај ги отворале очите.






– Јас доаѓам и им велам „преживеавте“ – раскажа Адхикари во разговорот со Андерсон Купер од Си-Ен-Ен.

Тимуре е меѓу областите најтешко погодени од катастрофата долж границата на Непал со Тибет. Патиштата се оштетени или целосно отсечени, а цели заедници останаа изолирани.

Хеликоптерите станаа една од ретките можности за евакуација. Секој мора да знае каде се движат другите летала. Истовремено мора да ја следи навигацијата и да бара безбедно место за слетување.

– Тоа е притисок, да се концентрираш на навигацијата додека колегите постојано ти зборуваат на радиото. Мора да гледаш кој каде оди. Слетуваат 5 до 6 хеликоптери – раскажа Адхикари.

Условите на земјата дополнително ја отежнуваат работата. Калта и водата го прават слетувањето ризично. Екипажот не може едноставно да го изгасне леталото и да замине од него. Адхикари вели дека моторот мора постојано да работи.

Слетува и на бетонски делови кајшто е понепристапно. Искуството не ѝ недостига. На 40 години, таа со години лета над тешкиот планински терен на Непал.

Сепак, размерите на оваа катастрофа ја изненадиле.

– Работата што се случи е посилна од земјотресот што го имавме во 2015 година. Насмевката што ја имам е за преживеаните. Не знам како преживеале. Насмевката е за нив – рече Адхикари.

Таа раскажа дека спасувачките екипи со денови извлекувале и мртви тела. Голем број луѓе исчезнале во долината.

Снимките од воздух од Непал кои со денови се споделуваат на социјалните мрежи и во медимуите ги покажуваат размерите на уништувањето.

Преживеаните чекаат да го слушнат звукот на хеликоптерските перки. За дел од нив тоа е првата можност да ја напуштат отсечената област.

Адхикари веќе испиша историја во непалското воздухопловство. Таа стана првата жена капетан на хеликоптер во земјата.

Поврзани содржини