СКОПСКОТО КАЛЕ ЌЕ СТАНЕ ВРВНА ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА Мицкоски најави финансиска и логистичка поддршка
Премиерот најави финансиска и логистичка поддршка за уредување на тврдината и порача дека таа треба да стане една од поважните туристички атракции во Скопје.
Скопското Кале треба да добие нов лик и функционалност, а целта е да прерасне во една од најзначајните туристички атракции во главниот град. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата, заедно со надлежните институции, ќе обезбеди финансиска и логистичка поддршка за уредување на тврдината, со очекување работите да бидат завршени следната година.
– Дојде редот и на Калето да се среди. Има многу работи што треба да се средуваат, а една од нив е и Скопското Кале – изјави Мицкоски, посочувајќи дека се очекува тврдината да го добие изгледот и функционалноста што ги заслужува.
Премиерот нагласи дека сегашната состојба не ги исполнува очекувањата и дека Скопското Кале има многу поголем потенцијал од оној што во моментов го нуди на посетителите.
– Очекувам во периодот што следува Калето да го добие оној лик и функционалност какви што ги заслужува. Тоа е нашата цел како Влада, заедно со институциите што се надлежни за различните области – рече Мицкоски.
Според него, доколку активностите се одвиваат според планираното и започнат годинава, уредувањето би можело да биде завршено во текот на следната година.
Мицкоски посочи дека просторот веќе е делумно хортикултурно уреден, но дека тоа не е доволно за да се искористи целосно туристичкиот и културниот потенцијал на тврдината.
– Сега е веќе средено, има трева и, колку-толку, хортикултурно е потсредено за посетителите да можат да се запознаат со Скопското Кале. Но, не сме задоволни од она што во моментот се случува. Знаеме дека Калето има многу повеќе можности – истакна премиерот.
Тој најави дека Владата ќе застане зад надлежните институции со финансиска и логистичка поддршка, со цел Скопското Кале да добие посоодветен изглед и да биде дел од концептот „Скопје – европска престолнина на културата“.
Мицкоски им се заблагодари на институциите, професорите и експертите што досега учествувале во истражувањата на тврдината. Тој најави дека резултатите од нивната работа би можеле да донесат нови содржини што ќе го привлечат вниманието и на домашните и на странските посетители.
– Мислам дека граѓаните ќе бидат исклучително изненадени од сето она што ќе биде изложено. Не зборувам само за скопјани, туку и за светот – рече Мицкоски.
Тој изрази очекување дека со заедничка работа на Владата и надлежните институции, Скопското Кале следната година ќе ја добие посакуваната физиономија и ќе стане позначаен дел од туристичката и културната понуда на Скопје.