СКОПЈЕ ЌЕ ЈА ПРЕЧЕКА НОВАТА ГОДИНА БЕЗ ОГНОМЕТ НА ПЛОШТАДОТ Сите општини се здружија за една голема прослава
На градскиот плоштад ќе настапат исклучиво македонски музички изведувачи. Во тек се подготовките за новогодишниот базар и за празничната програма, најави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Градот Скопје планира новогодишното украсување да биде завршено во периодот од 10 до 15 декември, а главната новогодишна прослава да се одржи на градскиот плоштад, со настапи на македонски изведувачи и без огномет, најави вечерва скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител.
Ѓорѓиевски посочи дека организацијата на новогодишната прослава сè уште не е целосно утврдена и дека градскиот тим работи на деталите, вклучително и на програмата за деновите во кои ќе има базари и други настани на градскиот плоштад.
– Според планот некаде од 10-ти до 15-ти Скопје треба да биде накитено. Она што сè уште го немаме доутврдено, со тимот работиме на истото, е организацијата на новогодишната прослава. Но и деновите кога ќе има базари и сè останато, настани на градскиот плоштад. Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во главниот град, така му личи на градот – рече Ѓорѓиевски.
Тој најави дека и годинава, како и минатата, програмата ќе биде составена исклучиво од македонски изведувачи, но дека имињата сè уште не се утврдени.
– Одлучивме оваа година да одиме, како и минатата, со исклучиво македонски изведувачи. Ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле сè уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Новата година – изјави градоначалникот.
Во врска со можноста за организирање огномет за новогодишната ноќ, Ѓорѓиевски рече дека е донесена одлука тој да не биде дел од прославата, имајќи ги предвид различните мислења во јавноста за употребата на пиротехника.
– Да нема прашања во јавноста наредниов период, да најавам дека огномет нема да има. Има поделени мислења кога станува збор за огнометот за новогодишната ноќ, но одлучивме да нема огномет – рече Ѓорѓиевски.
Во однос на новогодишното украсување, градоначалникот информира дека е избран оператор преку транспарентна постапка. За подеталните информации за постапката и избраниот изведувач, тој ги упати медиумите до системот за јавни набавки, посочувајќи дека податоците се јавно достапни и дека Градот може дополнително да ги достави.
Веќе е избран оператор. За подеталните информации поврзани со истото можете да се обратите слободно како медиум, но и јавно достапни се, мислам дека во системот за јавни набавки. На транспарентна постапка избран е изведувач, односно оној оператор којшто ќе треба да го направи сето тоа. Немам детали во моментов за да ги изнесам, но секако дека се достапни во јавноста, но и можеме да ги доставиме дополнително до вас – изјави тој.
Ѓорѓиевски рече дека очекува годинашното украсување да биде поспектакуларно во споредба со претходните години. Посочи дека во минатото имало забелешки за доцнење со украсувањето, наведувајќи дека се случувало главниот град да се украсува дури на 30 или 31 декември.