СКОПЈЕ ИСПАЌА ЦИСТЕРНИ СО ПИТКА ВОДА ВО ГОСТИВАР Ѓорѓиевски вети помош сè до надминување на состојбата
Град Скопје испрати цистерни со питка вода за Гостивар, каде стотици граѓани во изминатите денови побараа медицинска помош поради стомачни тегоби. Ѓорѓиевски побара транспарентна истрага за причините.
Град Скопје испраќа цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, откако во овој град во изминатите денови голем број граѓани побараа медицинска помош поради стомачни тегоби и симптоми на труење.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека помошта се испраќа со цел на гостиварци да им се обезбеди безбедна вода за пиење додека траат анализите и испитувањата за утврдување на причината за состојбата.
– Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност – порача Ѓорѓиевски.
Тој, во својство на претседател на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), упати апел и до останатите градоначалници, во рамки на своите можности, да понудат помош за Гостивар.
Според него, само преку заедничка реакција и солидарност може полесно да се надмине состојбата и да им се даде поддршка на граѓаните.
Ѓорѓиевски изрази загриженост поради случувањата во Гостивар и побара надлежните институции детално и транспарентно да ги утврдат причините за проблемот.
– Доколку се утврдат неправилности, мора да има одговорност – порача градоначалникот на Скопје.
Тој додаде дека Град Скопје ќе продолжи со поддршката за гостиварци сè до целосно надминување на состојбата.